Постои шанса сигналот од BICEP2 да е само космичка прашина

0
Телескопот BICEP2 откри сигнал кој наликува на сигналот очекуван за Големиот Прскот, но дали сè било само космичка прашина?

Телескопот BICEP2 откри сигнал кој наликува на сигналот очекуван за Големиот прскот, но дали сè било само космичка прашина? Заслуги:  Olena Shmahalo/Quanta Magazine

До сега не постоела голема потреба за да се знае точно колкаво е количеството на прашина во Вселената, надвор од Млечниот пат. Научниците знаеја за постоењето на честичките со слабо зрачење кои се порамнети со магнетното поле на нашата галаксија, пришто неговото поместување прави суптилни промени во сјајот на прашината, но дури во март оваа година ваквата појава доби на значење. Постои можност сигналот од оваа прашина да го имитира сигналот за кој беше предвидено дека е доказ за примордијалните гравитациски бранови – одек од Големиот прскот.

Нови анализи на податоците од вселенскиот телескоп Планк (Planck) доведоа до заклучок дека минијатурните силикатни и јаглеродни честички распрскани низ меѓуѕвездениот простор од страна на ѕвезди кои умираат би можеле да бидат одговорни дури за до 100 проценти од сигналот детектиран од телескопот BICEP2. Сепак, отворена е и можноста дел од овој сигнал да доаѓа од гравитациските бранови, за кои се очекува да бидат обележани со посебен спирален шаблон наречен B-mode поларизација.

На конференцијата одржана на 17 март годинава, тимот на BICEP2 објави дека телескопот пронашол доказ за B-mode поларизација која многу наликува на очекуваниот шаблон на примордијалните гравитациски бранови. По набљудувањето на регионот од Вселената далеку од правливата рамнина на галаксијата, и според нив најчистиот дел од небото кон кој можеле да го насочат телескопот, тимот беше убеден дека пронашле доказ за инфлацијата. Веднаш по оваа објава, многумина научници се побунија за несигурноста на резултатите.

Доколку телескопот BICEP2 би бил способен за детектирање на B-mode поларизација на различни микробранови фрекфенции, би било лесно да се направи дистинкција помеѓу светлината од меѓуѕвездената прашина и древната светлина која ја барале. Двата извори на светлина стануваат посветли на повисоки фрекфенции, но светлината емитирана од прашината се зголемува подраматично. Тимот, наместо да се концентрира на овој факт, ги создал детекторите на BICEP2 во функција на максимална осетливост за да примаат единствена фрекфенција, од 150 гигахерци. Ова претставува „ахилова пета“ на експериментот. Затоа, научниците се потпреле на прелиминарни и необјавени податоци за контаминација на небото направени од телескопот Планк, и објавиле дека прашината не може да е одговорна за повеќе од една петтина од сигналот. По објавувањето на грешките, тимот на Планк објави подобри проценки, кои покажуваат дека не постои дел од небото каде прашината може да биде игнорирана.

Колкав дел, ако воопшто, од B-mode поларизацијата доаѓа од древните гравитациски бранови, ќе покажат натамошни детални анализи. Еден научник од Харвард, Ави Лоеб (Avi Loeb), вели: „Успехот на BICEP2 беше во зголемената осетливост во споредба со претходните експерименти. Дефинитивно нешто е дететирано, но значајноста на резултатите зависи од нивната интерпретација. Доколку се работи само за прашина, космолошка значајност не постои“.

Превод: Марина Димовска

Извор: Wired

Сподели.