Пронајдена е половина од материјата која недостасуваше во Универзумот

0

Конечно се пронајдени врските меѓу галаксиите кои досега недостасуваа. Ова истражување претставува првата вистинска детекција на околу половина од нормалната материја во Универзумот – протони, неутрони и електрони, која не е заведена од претходни набљудувања на ѕвезди, галаксии и останатите светли објекти во Вселената.

Пронајдена е половина од материјата која недостасуваше во Универзумот

Нови откритија поддржуваат многу од идеите кои што ги имаме за тоа како Универзумот ја добил својата структура. Заслуги: Andrey Kravtsov (The University of Chicago) and Anatoly Klypin (New Mexico State University). Visualisation by Andrey Kravtsov

Веќе голем дел од јавноста е запознаена со потрагата по темната материја, мистериозната суптанца за која научниците веруваат дека е распространета низ  Универзумот, а чии ефекти ги забележуваме преку нејзиното гравитациско влијание на околината. Тековните модели исто така укажуваат дека Вселената треба да содржи двапати повеќе обична (барионска) материја од она што досега го имаме забележано.

Два различни тимови успеаја да ја пронајдат оваа барионска материја, која недостасуваше во досегашните набљудувања, a која воспоставува врски меѓу галаксиите преку нишки од топол дифузен гас.

„Проблемот со барионскиот недостаток е решен,“ вели Хидеки Танимура од Институтот за Астрофизика во Орсеј, Франција, главниот научник на една од групите. Другиот тим беше предводен од страна на Ана де Граф во Универзитетот од Единбург, Обединетото Кралство.

Како резултат на тоа што овој гас е толку блед и недоволно топол за да биде забележан од странa на телескопите за X-зраци, никој досега не успеал да го детектира.

„Сè уште не постои интрумент кој би можел директно да го набљудува овој гас,“ вели Ричард Елис од Универзитетскиот Колеџ во Лондон. „Досега оваа тематика беша само шпекулација.“ Од овие причини, групите мораа да најдат нови начини како би покажале дека овие нишки од гас навистина постојат.

Двата тима го искористиле феноменот наречен Синаев-Зелдовичев ефект, кој се манифестира кога преостаната светлина од Големиот Прскот поминува низ споменатиот гас. Како што светлината патува, дел од истата се распрскува од електроните во гасот, оставајќи побледи обележја на космичката микробранова позадина – нашата слика на самите остатоци од почетокот на Космосот.

Во 2015, сателитот Планк создаде мапа од овој ефект низ целиот набљудуван дел од Универзумот. Овие нишки од гас помеѓу галаксиите се толку дифузни, што бледите делови кои тие ги предизвикуваат се премногу невпечатливи како би биле директно забележани на Планковата мапа.

Двата тима одбрале парови на галаксии од „Sloan Digital Sky Survey“ за кои највеќе се очекувало меѓусебно да бидат побрзани од барионски нишки. Тимовите ги преклопиле Планковите сигнали за областите помеѓу галаксиите, со цел во група да се детектираат инаку индивидуално бледите врски.

Тимот на Танимура преклопил податоци од 260.000 парови на галаксии, додека групата на Грааф искористила податоци од над милион парови. Двата тима пронашле цврсти докази за нишки од гас помеѓу галаксиите. Групата на Танимура добила резултати кои велат дека забележаната материја е три пати погуста од средната вредност за барионската вредност во Универзумот, додека другата група добила вредност за густината на материјата со шест пати поголема вредност – потврда за тоа дека овие области се доволно густи за да формираат нишки.

„Очекуваме одреден степен на разлика во пронајдоците со оглед на тоа што разгледуваме нишки на различни растојанија,“ кажува Танимура. „Ако го вклучиме овој фактор, пронајдоците се доста конзистентни со другата група.“

Пронаоѓањето на дополнителните бариони кои толку време беа предвидени од направените симулации низ годините, ги потврдуваат дел од претпоставките кои ги имаме за Универзумот.

„Сите на некој начин мислевме дека оваа материја е таму, но ова е првпат како некој, во овој случај два тима, успева да дојде до дефинитивен заклучок,“ вели Ралф Крафт од Харвард-Смитсониан Центарот за Астрофизика во Масачусетс.

„Овој пронајдок потврдува дека многу од нашите идеи за тоа како галаксиите се создаваат и како структурите се формираат во историјата на нашиот Универзум, се доста точни,“ продолжува Ралф.

Превод: Бојан Андоновски

Извор: New Scientist

Сподели.