Подготовката на Касини за првото нурнување во прстените на Сатурн

0
Подготовката на Касини за првото нурнување во прстените на Сатурн

Илустрација на Касини на НАСА над прстените на Сатурн. Заслуги: NASA/JPL-Caltech

Леталото на НАСА, Касини, деновиве се подготвуваше да се нурне во просторот помеѓу Сатурн и неговите прстени – пионерско патување кое може да понуди неверојатен поглед на шестата планета од Сонцето.

Првото од планираните 22 нурнувања помеѓу Сатурн и неговите внатрешни прстени беше закажанo за 26-ти април, изјави НАСА. Потоа следи неизвесно, но возбудливо чекање. Комуникацијата со леталото беше прекината за време на нурнувањето и отприлика уште еден ден, додека тоа ги прави своите научни истражувања на планетата.

Радио врската со Земјата беше остварена на 27-ми април. „Сликите и други податоци се очекува да се испратат кратко по воспоставувањето на врската“ изјави НАСА.

Касини е 20-годишна мисија на НАСА, Европската Вселенска Агенција и Италијанската Вселенска Агенција. Леталото, високо 6,7 метри, беше лансирано во 1997 година, а започна да орбитира околу Сатурн во 2004. Резервите со гориво на Касини се при крај и тоа ќе направи завршно нурнување на површината на Сатурн на 15-ти септември. Одлуката да се финализира оваа мисија беше донесена во 2010-та година, за да се избегне оштетување на месечините како Енцелад, која во иднина ќе биде кандидат за истражување на знаци за живот.

Критични моменти

Смелиот подвиг за нурнување помеѓу планетата и нејзините прстени за првпат претставува „критичен момент за мисијата“ изјави член од тимот.

Скенирајќи го Сатурн на висина од околу 3.000 километри, леталото ќе биде најблиску до појасот кој е околу Сатурн. Појасот од мраз и камени остатоци се движи со брзина од околу 109.000 километри на час.

Прстените околу Сатурн, кој е гасовит џин, се илјадници километри широки, но само 9 до 90 метри длабоки. Конечните нурнувања на леталото се со цел да понудат нов поглед на прстените и евентуално да открие повеќе за нивната маса и дали се нови или стари.

„Ако прстените се масивни, тоа би значело дека се стари. Можеби датираат од формирањето на Сатурновиот систем“ изјави член од тимот.

„Ако масата е мала, тогаш прстените се млади, односно се формирале на друг начин“.

Некои научници веруваат дека прстените би можеле да се формираат откако астероидите се судриле со некои месечини на Сатурн и на тој начин ги создале патеките од остатоци.

Сатурн има повеќе од 60 месечини и Касини направи нови откритија на некои од нив, на кои можеби има услови погодини за живот. Летот на Касини би требало да обезбеди повеќе информации за внатрешноста на Сатурн.

„Се надеваме да добиеме мерки за масата на јадрото, колку тешки елементи се концентирани во внатрешноста на Сатурн“. Касини лансираше сонда на масивната месечина Титан и ги откри морињата од течен метан на Титан, вклучувајќи го комплексниот систем од дожд од метан. Откри и дека ледената месечина Енцелад крие потповршински слој, солен океан под кората, кој би можел да поддржува живи микроби.

Касини, за првпат, ги истражуваше бурите, молњите и облаците околу Сатурн.

Касини создаде „богатсво од откритија“ изјави Николас Алтобели, проектен научник на Касини со Европската Вселенска Агенција.

„Ќе мораме да обновиме многу учебници од планетарната наука“.

Деновиве, очекувајте ги прекрасните фотографии од првото нурнување на Касини!

Превод: Александра Б.

Извор: Phys

Сподели.