Под површината на Марс најверојатно се крие течна вода

0
Воден свет. Извор: НАСА

Симулација на езеро во големиот кратер Гејл на Марс. Извор: НАСА

Истражувачите веруваат дека кратерот Гејл претставувал големо езеро пред околу 3 милијарди години. Секојдневно наоѓаме нови докази дека нашиот Сончев систем е преплавен со вода. По неколку големи откритија за постоењето на океани во течна состојба кај објектите од нашиот систем, по сè изгледа дека и на Марс има вода во течна состојба близу под површината. Не е непознато дека на Црвената планета постои вода, Марс има две поларни капи покриени со воден мраз преку целата година. Но, за првпат роверот Кјуриосити пронајде докази дека водата веројатно постои и во течна, односно состојба поволна за развој на животот.

Роверот, кој талка по Марс веќе две и пол години, неодамна откри дека во почвата има калциум перхлорат. Ова соединение под одредени услови може да апсорбира водена пареа од атмосферата. Кога ќе се помеша со H2О, ја намалува точката на замрзнување на водата, и ѝ дозволува да опстане во течна состојба и на многу ниски температури. Во овој тип на течна состојба водата всушност е екстремно солена. Според Мортен Бо, еден од главните истражувачи на студијата објавена во Nature, на Марс постојат поволни климатски услови во текот на ноќта и веднаш по изгрејсонцето во Зима за перхлоратот да започне со апсорпција на водената пара. Кога паѓа ноќта, дел од водената пареа се кондензира по површината на Марс, па така при апсорпцијата водата се претвора во многу солен раствор кој останува во течна состојба бидејќи точката на замрзнување е многу намалена.

Научниците сметаат дека, со оглед на тоа што почвата на Марс е порозна, водата се слева под површината и се спојува со останатите соли.

Сепак, ова не значи дека денес можеме да најдеме живот на оваа планета, бидејќи и покрај водата во течна состојба условите се неповолни и има силни зрачења кои би го спречиле животот на микробите. Но, да заборавиме дека секогаш останува можноста да наидеме на форма на живот која никогаш не сме ја предвиделе, а можеби ни замислиле.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: Popular Science

Сподели.