Откриени нови мали галаксии кои орбитираат околу Млечниот пат

0

Откриени нови мали галаксии кои орбитираат околу Млечниот пат

Тим од астрономи при Универзитетот Кембриџ сосема неочекувано открил девет нови мали галаксии кои орбитираат околу Млечниот пат. Овие податоци може да помогнат и во решавањето на сагата за темната материја, мистериозната супстанција која ги држи заедно галаксиите.

Ова претставува и прво откритие на џуџеста галаксија во последнава деценија – тоа се мали објекти кои орбитираат околу големи галаксии (неколку веќе беа најдени на небото на северната хемисфера во 2005 и 2006 година). Тие се блиску до јужната хемисфера, до Големиот и Малиот Магеланов облак, најголемите и најпознати џуџести галаксии во орбита на Млечниот пат. До резултатите од откритијата е дојдено со помош на истражување за темната енергија.

Новооткриените објекти се милиони пати „побледи“ од Млечниот пат и милион пати помали. Најблискиот е на околу 95 000 светлински години, а најдалечниот на повеќе од милион светлински години.

Три од нив дефинитивно се џуџести галаксии, додека другите се џуџести галаксии или затворени јата (објекти слични на џуџести галаксии, но за разлика од нив, темната материја не ги држи заедно).

Џуџестите галаксии се најмалите досега забележани галаксии. Најбледите од нив содржат само 5000 ѕвезди. За споредба, Млечниот пат содржи стотици милијарди ѕвезди. Научниците веруваат дека постојат многу џуџести галаксии, но тие се екстремно тешки за наоѓање пред сè поради нивната големина.

Тоа што содржат 99% темна материја и само 1% видлива материја, ги прави идеални за проучување на темната материја. Таа сочинува 25% од материјата во Универзумот и е невидлива. За неа дознаваме индиректно преку нејзиното гравитациско влијание.

Најблиската ваква галаксија до нас е на 97 000 светлински години (на половина пат до Магелановите облаци) и е локализирано во соѕвездието Мрежичка (Reticulum). Поради големите центрифугални сили на Млечниот пат, таа наскоро може да се распадне.

Најодалечениот, а воедно и најсветлиот од овие објекти е на 1,2 милиони светлински години во соѕвездието Еридан (Eridanus) или Река. Тој е на рабовите од Млечниот пат и можеби ќе биде вовлечен внатре. Според набљудувањата, се чини дека содржи мало затворено јато. Доколку е точно ова би била и најбледата галаксија која содржи едно вакво јато.

Резултатите од ова истражување се многу интересни и водат кон низа интересни претпоставки. Можеби овие мали галаксии некогаш биле сателити на Магелановите облаци (Големиот и Малиот), па како резултат на нивните интеракции се издвоиле на страна. Можеби дури, сите овие заедно некогаш биле единствена гигантска галаксија која била во составот на нашата – Млечниот пат.

Превод: Милан Велков

Извор: Phys

Сподели.