Огромниот шестоаголник на северниот пол на Сатурн штотуку станал почуден

0

Северниот пол на Сатурн. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/Space Science Institute

Веќе некое време се знаеше дека на северниот пол на Сатурн постои бизарна шестоаголна бура – но сега се откри дека таа е почудна отколку што се мислело.

Објавено во Природа Комуникации, научниците предводени од Леј Флечер од Универзитетот во Лечестер во Обединетото Кралство ги користеле податоците од вселенското летало Касини за да ја проучуваат северната хемисфера на Сатурн. Тие откриле дека огромен вртлог се наоѓа високо над шестоаголната бура и самиот тој вртлог има исто шестоаголна форма.

„Рабовите на овој новооткриен вртлог прават облик на шестоаголник, прецизно одговарајќи на изгледот на познатиот и бизарен шестоаголен облак што се наоѓа подлабоко во атмосферата на Сатурн,“ вели Флечер во изјавата.

Вртлогот се наоѓа на висина од 290 километри над облаците на Сатурн, во горниот регион од атмосферата уште познат како стратосфера. Вртлогот се појавил во 2014 година за време на мисијата Касини кога северната хемисфера навлегувала во својот летен период; сличен, но не шестоаголен вртлог претходно бил забележан за време на летниот период на јужната хемисфера.

Научниците за првпат биле во можност да ја забележат оваа појава на северниот пол со помош на Композитен Инфрацрвен Спектрометар (CIRS), кога температурите биле во пораст. И како што истиот се појавувал, забележале дека тој прилично одговара на познатата шестоаголна бура.

Изгледот на шестоаголникот со помош на CIRS. NASA/JPL-Caltech/University of Leicester/GSFC/L.N. Fletcher et al. 2018

„Како што поларниот вртлог стануваше се повеќе и повеќе видлив, ние забележавме дека тој има шестоаголни рабови и сфативме дека го гледаме веќе постоечкиот шестоаголник на многу поголема висина отколку што претходно мислевме,“ рекол во изјавата коавторот Сандрин Гурле од Метеоролошката Лабораторија од Франција.

Покрај тоа што оваа појава е прилично интересна, таа отвара и многу други прашања. Прво и најважно е зошто воздушните струи на Сатурн создаваат вакви шестоаголни форми, иако постојат неколку идеи и за тоа. Нив не ги гледаме на ниту едно друго место, без разлика дали се работи за Земјата или за некоја од другите планети, па што е толку посебно кај Сатурн?

Другото прашање е дали овој шестоаголен вртлог е дел од бурата што се наоѓа подолу или се наоѓа над неа. Ако е дел од неа, тоа значи дека целата структура е висока стотици километри. Иако ова е малку возможно бидејќи состојбите на ветровите се менуваат многу на различни висини, процес познат како „исчезнување“ може да ни посочи дека случувања како ова може да се задржат низ атмосферата.

Шестоаголникот во сиот негов сјај. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/SSI/Hampton University

„Еден начин на кој брановата „информација“ може да продре нагоре е преку процес наречен исчезнување, каде силата на бранот опаѓа со висината, но е доволно силен за да се одржи во стратосферата,“ рекол Флечер.

На жалост, тешко дека ќе добиеме одговори на ваквите прашања. Мисијата Касини заврши во септември 2017 година и Флечер додава дека е навистина фрустрирачки што тие ја забележале оваа појава токму кон крајот на мисијата.

Јасно е дека Сатурн е супер чудна планета. Мисијата Касини можеби е завршена, но ние сеуште наоѓаме зачудувачки нешта за прстенестата планета благодарение на веќе добиените податоци.

Превод: Христина Милошевска

Извор:IFLScience

Сподели.