Одговорите за мистериозното накосување на Месечината можеби се кријат во златото и платината

0
Гравитациските интеракции на мали тела на Земјата и Месечината во брзо време по создавањето. Извор: Лаетила Лалила

Гравитациските интеракции на мали тела на Земјата и Месечината во брзо време по создавањето. Извор: Лаетила Лалила

Во просек, на секои година и пол од Земјата сведочиме на тотално замрачување. Замислете ова да се случуваше секој месец! За ова, потребно би било Месечината да орбитира околу Земјата во иста линија како и нашата планета околу Сонцето. Во тој случај, при фазата нова месечина нашиот сателит секогаш би бил поставел директно помеѓу нас и Сонцето.

Наместо ова, Месечината кружи околу Земјата со малку поразлична патека која е навалена за околу 5 степени. Во далечното минато, пред околу 4.5 милијарди години кога Месечината сеуште не била под силни гравитациски влијанија од Земјата, таа била накосена околу 10 степени.

Експертите веруваат дека Месечината настанала откако објект со големина на Марс се судрил во Земјата која сеуште се оформувала, поради што се исфрлил куп остатоци што полека се споиле во нашиот сателит. Според овие теории, Месечината би требало да биде накривена за не повеќе од еден степен. Останува мистерија што се случило и зошто сега накривувањето е доста поголемо од ова. Научниците дури имаат и име за овој случај: Проблемот на месечевата накосеност.

Двајца научници од Франција имаат нови теории со кои сметаат дека ќе се објасни оваа ситуација. Тие напишале дека младата Месечина била извлечена од нејзината оригинална орбита поради гравитациското влијание на поголеми објекти кои проаѓале во нејзина близина.

Во минатото, преовладувало мислењето дека станува збор за тела кои се судирале во Земјата. Но, според француските научници, пред секој судир претходеле од 1.000 до 10.000 промашувања, односно блиски средби. Направени се компјутерски симулации за да се проценат ефектите на сите овие прелетувања врз положбата на Месечината во текот на првите 100 милиони години од нејзиното постоење. Откриле дека ниту еден објект не би можел да биде доволно голем за самостојно да ја исфрли Месечината од предвидената орбита.

Но, комбинацијата од гравитациските сили од повеќе вакви тела би можела да го стори ова. Оваа теорија не само што ја објаснува мистериозната накривеност на Месечината, туку зборува и за изобилието на одредени метали во кората на нашата планета, а особено за златото и платината. Овие два метали имаат силни хемиски врски со железото. Доколку биле присутни во раните денови кога Земјата била растопена, железото кое потонало кон јадрото со себе би ги понело и златото и платината. Спротивно на ова, сега има големи количества од нив на површината, кои сигурно пристигнале откако јадрото веќе било оформено. Така што, многу е веројатно дека овие метали биле донесени преку големи остатоци од формацијата на внатрешните планети.

Доколку постоеле многу вакви објекти дел од нив би требало да удрат и во Месечината, оставајќи злато и платина. Релативно ниското присуство на овие благородни метали на Месечината, сугерира дека Земјата била удирана од страна на неколку големи објекти, наместо од повеќе мали. Доколку овие настани и удари не се случиле, веројатно Месечината сега ќе орбитираше околу Земјата по иста патека, со целосни затемнувања на Сонцето кои ќе се случуваа месечно. Но, тогаш пак, нашите накити не би биле толку скапоцени, и би биле изработени од лим и бакар, наместо од злато и платина.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: phys.org

Сподели.