Кон крајот на 2013 година, кога неутронската ѕвезда во срцето на една од најчудните супернови во нашата галаксија оддаде масивен излив на Х-зраци, резултирачките одеци, создадени при одбивање на Х-зраците од облаци од прашина во меѓуѕвездениот простор, им даде нов изненадувачки уред за мерење на астрономите.
Circinus X-1 е изрод во Млечниот пат. Сместен во рамнината на галаксијата, Circinus X-1 е сјајната лушпа од бинарен ѕвезден систем кој експлодирал пред околу 2500 години. Системот се состои од маглина и неутронска ѕвезда. Неутронската ѕвезда е неверојатно густо колабирано јадро од ѕвездата која експлодирала, сè уште во орбитална прегратка со својата ѕвезда придружничка.
Системот се нарекува рентгенски бинарен систем бидејќи емитира Х-зраци како што материјал од ѕвездата придружничка е вшмукан во многу погустата неутронска ѕвезда и е загреан до многу високи температури.
„Кон крајот на 2013, неутронската ѕвезда подлегна на огромен излив на Х-зраци во период од два месеци, кога постана еден од најсветлите извори на рентгенското небо,“ објаснува професорот по астрономија на Универзитетот од Висконсин – Медисон, Себастијан Хајнц. Потоа, повторно се стемни.“
Трепкањето на Х-зраци од чудниот бинарен систем беше следено од детектор во Меѓународната Вселенска станица, проследено со набљудувања со Чандра (Chandra) и ХММ-Њутон (XMM-Newton) телескопите при што биле откриени четири светли прстени од Х-зраци, налик на бранови во космичко езеро, околу неутронската ѕвезда во срцето на Circinus X-1.
Прстените се светлински одеци од изливот на Х-зраци од Circinus X-1. Секој од четирите прстени, укажува на густ облак од прашина помеѓу нас и остатокот од суперновата. Кога Х-зраци доаѓаат во допир со зрна прашина во меѓуѕвездениот простор може да бидат отклонети, и доколку облаците од прашина се густи, тие може да распрскаат голем дел од Х-зраците од нивната оригинална траекторија, поставувајќи ги на триаголна патека.
Овој феномен може да им овозможи на астрономите да ја користат геометријата на прстените и временското доцнење помеѓу отклонетите и неотклонетите Х-зраци за да го пресметаат растојанието до Circinus X-1, мерење кое претходно не било можно да се изведе бидејќи суперновата е скриена во прашина која се шири во рамнината на нашата галаксија.
„Може да ја користиме геометријата на прстените и временското доцнење за да направиме рентгенска томографија,“ објаснува Хајнц. „Бидејќи Х-зраците патувале по триаголна наместо по права патека, потребно им е подолго време да стигнат до нас отколку на оние кои не биле отклонети.“
Со комбинирање на таквите мерења со набљудувања на облаци од прашина од страна на Австралискиот радио телескоп Мопра, Хајнц и неговите колеги можеле да утврдат на кои облаци од прашина се должи секој од четирите светлински одеци.
„Користејќи ја оваа идентификација, овојпат можеме прецизно да ја одредиме оддалеченоста на изворот,“ според астроном од Универзитетот во Висконсин. „Мерењата на растојанија во астрономијата се тешки, особено до извори како Circinus X-1, кои се сокриени во рамнината на галаксијата позади дебел слој од прашина – така што е практично невозможно да бидат набљудувани со оптички телескопи.“
„Во овој случај, ја искористивме прашината што обично претставува пречка за да воведеме нов метод за проценување на растојание до извори на Х-зраци,“ вели Хајнц.
Сега астрономите знаат дека Circinus X-1, еден од најбизарните објекти во Млечниот пат, е оддалечен 30.700 светлински години од Земјата.
Превод: Биљана Велинова
Извор: Phys