Објекти слични на Плутон се претвораат во прашина околу блиска млада ѕвезда

0
Објекти слични на Плутон се претвораат во прашина околу блиска млада ѕвезда

Фотографија од прашината околу ѕвездата HD 107146 направена од ALMA. Заслуги: L. Ricci ALMA (NRAO / NAOJ / ESO); B. Saxton (NRAO / AUI / NSF)

Раниот развој на планетарниот систем кажува за превирањата во него. Гигантски планети се збришани од далечните родни места во жешки орбити близу нивната т.н. ѕвезда-домаќин. Други се разрушени далеку од нивната ѕвезда во темнината на Вселената. Помалите тела, како астероидите и кометите, постојано се движат наоколу.

Астрономите, користејќи ги можностите на опсерваторијата ALMA (Atacama Large Millimeter/submillimeter Array) го забележале следното: oбјекти со големина на Плутон се претвораат во прашина околу млада ѕвезда. Глетката е извонредна.

„Овој систем ни ја овозможува шансата да се проучува едно интригантно време околу млада ѕвезда која е слична на Сонцето“, вели ко-авторот Стјуарт Кордер и заменик-директор на ALMA во соопштение на вести. „Овде можеби гледаме во минатото, во времето кога Сонцето било на околу два проценти од неговата сегашна возраст.“

Младата ѕвезда HD 107146 се наоѓа на растојание од приближно 90 светлински години од Земјата, во насока на соѕвездието Береникина коса (Coma Berenices). Иако самата ѕвезда е видлива со било кој мал телескоп, ALMA може да го провери радикално слабиот протопланетарен диск. Ова е ѕвездениот прашлив кожурец од кој се создаваат планети, комети и астероиди.

Сликата на ALMA откри неочекуван пад во бројот на милиметарските зрна прашина далеку од ѕвездата-домаќин. Овој високо-концентриран појас се протега приближно од 30 до 150 астрономски единици, еквивалентно на орбитата на Нептун околу Сонцето, до четири пати од орбитата на Плутон.

Од каде доаѓа вишокот прашина?

Вообичаено, останатата прашина во дискот е едноставно остаток од создавањето на планетите. Објектите со големина на Плутон ќе се судираат и уништуваат меѓу себе, исто така придонесувајќи кон прашината. Одредени модели предвидуваат дека ова води кон поголема концентрација на прашина во најдалечните области на дискот.

Иако ова е случајот со HD107146, „ова е спротивното на тоа што го гледаме во млади првобитни дискови, каде прашината е погуста во близина на ѕвездата“, изјавува водечкиот автор Лука Ричи од Харвард-Смитсоновиот Центар за астрофизика. „Можно е да сме го фатиле овој диск во фаза во која објектите со големина на Плутон се формираат сега во надворешниот дел од дискот, додека останатите тела со големина на Плутон веќе се формирале поблиску до ѕвездата.”

Како додаток на оваа хипотеза е фактот дека постои мало опаѓање во прашината на 80 астрономски единици, или два пати од просечната оддалеченост на Плутон од Сонцето. Ова може да биде мала празнина во прашината, каде планета со големина на Земјата ја чисти областа од остатоците на дискот.

Ако е точно, ова би било првото набљудување на создавање на планета со големина на Земјата од нејзината ѕвезда-домаќин. Но, засега тоа е само едно големо ако.

Резултатите ќе бида објавени во списанието Astrophysical Journal и се достапни онлајн.

Превод: Александра Атанасоска

Извор: Universe Today

Сподели.