Новооткриен кратер настанат на површината на Марс пред 3 години

0
Новооткриен кратер настанат на површината на Марс пред 3 години

Темниот круг и трагата го обележуваат исфрлениот материјал на местото на ударот од метеоритот на површината на Марс, кој се случил во скоро време. Во центарот се наоѓа мал кратер. Заслуги: NASA/JPL/University of Arizona

Објавени се снимки од новооткриен кратер на Марс настанат помеѓу јануари 2012 и август 2014. Научниците од HiRISE (High Resolution Imaging Science Experiment), кои ја објавија оваа новост, велат дека создавањето на кратери на Марс е многу честа појава, но вакви детални снимки се реткост. Станува збор за кратер кој е малку поголем од просечните и поради тоа претставува одлична прилика за проучување на ефектите на метеоритите на планетата. HiRISE овозможува снимки на кои се гледа површината на Марс до неверојатна деталност. Камерата е сместена на орбитерот Марс Реконесанс (Mars Reconnaissance Orbiter) и  прави фотографии од височина од 200-400 километри над површината.

Снимките од кратерот и неговата околина беа направени на 27 ноември минатата година, а беа објавени неодамна. Кратерот е 4 метри широк, а потемнетата површина околу која настанува од распрскувањето на самата материја при ударот е распространета стотици метри наоколу.

Марс е поблиску до астероидниот појас и поради тоа е многу поизложен на удари во споредба со Земјата, а и неговата атмосфера е мошне потенка, па така астероидите кои на Земјата би биле согорени пагајќи низ атмосферата, на Марс успеваат да стигнат до површината и да создадат нови кратери. Поради тоа што нема вода, дождови и слично, кратерите на површината на Марс остануваат значително подолго отколку кај нас.

Новооткриен кратер настанат на површината на Марс пред 3 години

Фотографија со поголема резолуција на која јасно е видлив темниот кратер во центарот на ударната зона. Заслуги: NASA/JPL/University of Arizona

Најголемиот понов кратер на Марс, па и општо во Сончевиот Систем, беше направен во 2012-та, а објавен во 2014-та година. Со споредба на снимки од различно време на истата локација се забележуваат промените на површината и се одредува кога настанал кратерот.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: IFL Science

Сподели.