Вселенското летало Нови Хоризонти на НАСА прелета покрај Ултима Тули во раните часови на новата година, внесувајќи не во ерата на истражување во загадочниот Кујперов појас, регион од примордијални тела кој може да ни помогне да ги разбереме почетоците на Сончевиот систем.
Сигналите кои потврдија дека вселенското летало е здраво и неговите дигитални снимачи се исполнети со научни податоци за Ултима Тули стигнаа до центарот за операции во Лабораторијата за применета физика (Applied Physics Laboratory – APL) при Џонс Хопкинс вчера во 10:29 по источно време, речиси точно 10 часа по најблиската средба меѓу Нови Хоризонти и објектот.
Од сликите сликани при приближувањето на вселенското летало – Нови Хоризонти се приближи на само 3500 километри до Ултима во 0:33 по источно време – се откри дека телото од Кујперовиот облак би можело да има форма налик на кегла за куглање, вртејќи се наглавечки, со димензии од 32 по 16 километри. Можно е и Ултима да е систем од две одвоени тела, кои орбитираат едно околу друго. Податоците од прелетувањето веќе решија една од мистериите на Ултима, покажувајќи дека телото од Кујперовиот појас се врти како пропелер чија оска отприлика покажува накај Нови Хоризонти. Ова објаснува зошто, во слики од пред да се разреши мистеријата за Ултима, светлоста на телото не изгледаше како да се менува додека истото се вртеше. Тимот сеуште го нема утврдено периодот на ротација.
Нови Хоризонти ќе продолжи да симнува слики и други податоци во деновите и месеците кои следат, целосно враќајќи ги сите научни податоци во текот на следните 20 месеци. Кога Нови Хоризонти беше лансиран во 2006, Џорџ В. Буш беше во Белата куќа, Твитер само што започна, а личноста на годината на списанието Тајм не беше личност туку „вие – сите корисници на Интернетот.“ Во деветтата година на неговото патешествие, леталото ја започна неговата експедиција во Кујперовиот појас прелетувајќи до Плутон и неговите месечини. Речиси 13 години по лансирањето, вселенското летало ќе продолжи со неговата истрага во Кујперовиот појас, барем до 2021. Членовите од тимот планираат да предложат уште истражувања во Кујперовиот појас.
Превод: Јоаким Јаковлески
Извор: jhupal.edu