Нови хоризонти тргна кон остварување на историска средба со Плутон

0
Нови хоризонти тргна кон остварување на историска средба со Плутон

Леталото Нови хоризонти (New Horizons) ја направи оваа фотографија од Нептун со неговата голема месечина Тритон, на 10 јули 2014 година. Фотографијата е направена од околу 4 милијарди километри оддалеченост (нешто над 26 пати повеќе од оддалеченоста на Земјата со Сонцето). Извор: NASA/Johns Hopkins University Applied Physics Laboratory.

Познатото вселенското летало на НАСА, Нови хоризонти (New Horizons) ја пресече орбитата на Нептун за последен пат пред да се упати кон Плутон. По ова, се очекува на 14 јули наредната година да стане првото летало кое остварило блиска средба со далечниот Плутон.

Нови хоризонти се наоѓа на околу 2.5 милијарди милји од Нептун (околу 27 пати повеќе од растојанието помеѓу Земјата и Сонцето) но, поради моќните телескопски камери успеа да ја фотографира оваа планета заедно со месечината Тритон.

Леталото беше лансирано во јануари 2006 година и стигна до орбитата околу Нептун за рекордни 8 години и 8 месеци. Ова се поклопува со 25-годишнината на историската средба на Војаџер 2 со Нептун, која се оствари на 25 август 1989 година. Благодарение на историската средба со Војаџер, беа откриени многу интересни новости за системот на оваа планета. Се дозна дека и таму постои масивна бура како на Јупитер, но не е толку долготрајна. Понатаму, за првпат биле направени првите бистри снимки од прстените околу овој гасовит џин.

Многу истражувачи сметаат дека месечината Тритон е всушност многу сличен објект на Плутон, кој потекнува од тој систем, но бил привлечен од Нептун во неговата орбита. Сè уште има многу шпекулации за оваа теорија, но едно е сигурно – остварувањето на првата средба со Плутон наредното лето несомнено ќе донесе многу изненадувања и новости.

Слично на Војаџер 1 и 2, и Нови хоризонти е исто така на пат до потенцијални историски опсервации на Кајперовиот појас, па и подалеку во меѓуѕвездениот простор.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: phys.org

Сподели.