Во потрагата по планети околу далечни ѕвезди неретко се случува самите ѕвезди да бидат најголеми непријатели на истражувачите. Поради светлината која доаѓа од нив, ретко кога успеваме да детектираме нешто помало од гасовит џин, што не е од огромна помош кога нашата цел е потрага по вонземски живот. Но, со заедничка соработка на американски и холандски научници полека се доаѓа до решение на овој проблем. Тие развија нова верзија на коронограф (филтер за блокирање на ѕвездената светлина) со огромна моќност, кој овозожува подобар поглед кон објектите околу ѕвездите дури и кога нивните орбити се двојно поблиску до ѕвездата отколку нашата. Клучниот момент е тоа што светлината не се блокира директно како кај останатите коронографи, туку овозможува светлинските бранови да се поништуваат едни со други, дури и во инфрацрвените бранови должини со кои ѕвездите ги сокриваат нивните планети.
Овој нов вид на филтер се употребува веќе еден месец и првичните резултати кажуваат доволно за предностите на овој метод. На горната фотографија со помош на коронарографот се покажуваат ѕвездите на системот Бета Кентаури (Beta Centauri). Астрономите се надеваат дека со помош на оваа технологија ќе може да наоѓаме повеќе мали планети со директно набљудување и ќе се намалат или избегнат досегашните грешки. Нека не ве изненади доколку за брзо време наеднаш почне да се проширува листата на откриени планети и тоа со зголемено учество на такви кои би можеле да поддржуваат живот.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: Engadget