Нов изненадувачки модел за Универзумот ја елиминира потребата од темната енергија како концепт

0

Преку мерење на интензитетот на светлината кај суперновите од тип Ia (кои се користат како стандард при одредување на растојанието меѓу галаксиите, а со тоа и интензитетот на ширење на Универзумот) со цел одредување на издржаноста на еден нов модел за ширењето на Универзумот, група од истражувачи има причина да се сомнева во потребата на темната енергија како фактор за објаснување на природата на Универзумот и неговото ширење.

Иако сегашниот консензус е дека просторот се шири со забрзано темпо, ова ново истражување укажува дека, со замена на некои претпоставки во оваа теорија, резултатите од мерењата за интензитетот на светлината од суперновите од тип Iа се доволни за опишување на Универзумот без користење на необјасниви мистериозни сили како темната енергија.

Истражувачкиот тим за кој станува збор е од универзитетот во Кантербури, Нов Зеланд, и е дел од дебатата за одредување на најдобриот начин за интерпретација на космичката експанзија преку следење на суперновите од тип Iа.

Ѕвездените експлозии од овој вид се лесни за идентификација и имаат сличен максимум на луминозност, што ги прави идеални за одредување на огромни растојанија во Вселената преку мерење на нивниот интензитет.

Според разликите во нивната боја, кои може да се забележат со телескоп како Хабл, изгледа дека суперновите кои се подалеку од нас се движат поспоро од оние кои се поблизу. Заради природата на светлината, односно заради тоа што далечните објекти ги гледаме какви што биле во минатото (поради потребното време светлината да дојде до нас) од набљудувањата може да се претпостави дека со тек на време интензитетот на ширење на Универзумот се зголемува.

Овие претпоставки засега се поуверливи од било која друга алтернатива. Едната претпоставка која може да ја промени потребата од вклучување на темната енергија како причина за ова забрзување е поврзана со Фридмановата равенка. Моделот на Универзумот наречен Фридман-Леметр-Робертсон-Вокеров модел, во чие објаснување игра улога оваа равенка, го опишува Универзумот како голем гумен чаршав поврзан во една униформна целина.

Секако, Универзумот не е само како гумен чаршав, туку е повеќе како гумен чаршав врз кој има песок, џамлии и топки за куглање, што во космолошката терминологија се нарекува модел Ламбда-студена-темна-материја.

Најголемиот дел од дебатата во последнтие 20 години се фокусира околу влијанието на „топките за куглање“ врз ширењето на Универзумот. Но, Вилтшир и неговиот истражувачки тим ја тестираат издржливоста на самиот Космолошки модел. Според нив, доколку темната енергија не постои, тогаш Универзумот не се шири во согласност со Фридмановата равенка.

Како алтернативен модел за Универзумот, Вилтшир и неговите колеги од претходноспоменатиот истражувачки тим го предлагаат временскиот космолошки модел (timescape cosmology), според кој времето и растојанието се прилагодуваат во однос на свиткувањето на поединечни локации помеѓу галаксиите и празнините. Според овој модел, нема смисла да се зборува за време или доба на Универзумот како целина. Според ваквиот модел, темната енергија е непотребна, поради тоа што разликите во издолжувањето на електромагнетните бранови не се резултат на ширењето на Универзумот, туку остаток кој настанува како резултат на начинот на кој ги прилагодуваме времето и растојанието.

По примената на овој модел во интерпретацијата на голема база на податоци на супернови биле добиени резултати кои не се разликуваат од оние кои се добиваат со моделот Ламбда-студена-темна-материја, кој е сè уште најпопуларен меѓу научниците.

Сепак, потребни се уште докази со цел да се убеди научната јавност да го напушти сегашниот модел, особено поради импликациите кои со себе ги носи новиот модел, а кои се повеќе од самото прашање за постоењето на темната енергија. Спротивставувањето на моделите е добар начин да се осигураме дека постоечките претпоставки се разумни и издржани, но во исто време и добар начин за откривање на нивните слабости, што води до нивно подобрување.

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: Science Alert

Сподели.