Невообичаени структури на Марс би можеле да се знаци за живот

0
Минерални талози во форма на карфиоли од микро силикат. Извор: NASA/JPL-Caltech

Минерални талози во форма на карфиоли од микро силикат. Извор: NASA/JPL-Caltech

Во последните неколку децении на релјефот на Марс се забележуваат површински необични форми кои укажуваат дека порано имало или пак сеуште има живот на оваа планета. Научниците излегоа со новости кои може да доведат до нови поконкретни откритија.

Во 2008 година, роверот на НАСА Спирит направи слика од минерални слоеви во форма на карфиол во внатрешноста од кратерот Гусев. Се смета дека овие израстоци може да се остатоци од животот на Марс.

Научниците од Универзитетот Темпа во Аризона откриле голема сличност на овие микро форми на површината на Марс со структури кои може да се забележат во суровата околина низ пустината Атакама во Чиле.

Пред 3 милијарди години на некои делови од Марс се наоѓале хидротермални гејзери. Се верува дека вакви извори имало токму кај местото каде се откриени овие израстоци од силикат, во близина на кратерот Гусев.

Областа Катарпе во пустината Атакама, Чиле. Извор: shutterstock.

Овој дел од чилеанската пустина е често споредуван со Марс поради присуството на црвена почва. Овие две средини се доволно слични па дозволуваат практични вежби на леталата и роботите кои НАСА ги испраќа на Марс. Големата надморска висина значи дека местото е озрачено со големи количини на УВ, слично како и на површината на Марс.

Понатаму, на овие простори паѓа помалку од 100 милиметри дожд на годишно ниво и температурите варираат од – 25°C до 45°C. Ел Татио со околу 80 активни гејзери е исто така најголемата област со гејзери во Јужната хемисфера. Во близина на овие извори се откриени слични структури кои наликуваат на карфиол и настанале при бактериски процеси. Токму затоа, научниците заклучуваат дека истите вакви форми на површината на Марс може да се настанати од бактерии.

Слични испакнати форми кои се последица на бактериски живот се откриени и крај геотермалните извори во националниот парк Јелоустоун, САД и во вулканската зона Таупо, Нов Зеланд. Сепак, од оваа теорија останува само возбудливата веројатност да биде вистинита поради тешкотиите за потврдување на биолошки докази на растојание од 54.6 милиони километри.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: IFLS

Сподели.