Неутронски ѕвезди може да создадат млазови моќни колку оние од црни дупки

0

Уметнички приказ на неутронска ѕвезда, десно, и придружна ѕвезда. Заслуга: ICRAR

Астрономите открија дека неутронските ѕвезди може да создаваат млазови од материја исто моќни колку нивните значително помасивни „колеги“, што е показател дека непознати процеси се случуваат во овие екстремно густи остатоци од супернови.

За некои неутронски ѕвезди, кои претставуваат колабирани јадра што остануваат по експлозија на ѕвезда, веќе е познато дека имаат млазови од многу загреана материја кои извираат од нивните полови. Но, за нив се сметаше дека се многу мали споредено со оние на црна дупка и дека се видливи само кога ѕвездата собира огромна количина на материјал од својата понормална придружна ѕвезда. Црните дупки, за споредба, можат да испуштаат моќни млазови дури и кога апсорбираат само мала количина материјал.

Но, најновото откритие од Институтот за радиоастрономија од Холандија (ASTRON), Меѓународниот центар за радиоастрономски истражувања (ICRAR) во Австралија и други институции, укажува поинаку. Тие открија дека неутронските ѕвезди, кои содржат 1.5 пати од масата на Сонцето, но имаат пречник од помалку од 10-15 километри, може да испуштаат млазови со брзина приближна на брзината на светлината без да примаат големи количини на материјал од друга ѕвезда.

„Од она што го имавме досега забележано, црните дупки беа сметани за неспорни кралеви во формирањето на моќни млазови, дури и кога впиваат само мал дел од материјалот на нивната придружна ѕвезда,“ вели Адам Делер од ASTRON. „Но нашите набљудувања укажуваат дека млазовите на оваа неутронска ѕвезда се речиси толку силни, колку што би се очекувало од црна дупка.“

Астрономите го користеја VLA (Very Large Array) радиотелескопот во Њу Мексико за да дојдат до овие откритија, проучувајќи го бинарниот систем PSR J1023+0038, на оддалеченост од 4500 светлински години. Неутронската ѕвезда од системот ротира многу брзо и е позната како милисекунден пулсар. Оваа ѕвезда поминува години во мирна состојба кога не собира многу материјал од нејзиниот придружник, така што астрономите предвидуваа дека ќе произведе релативно слаб млаз.

Но, тие открија дека ѕвездата произведе млаз со јачина речиси како од црна дупка. Кај други два пулсари во слична состојба, познати како „транзициски“ системи, беа исто така откриени слични моќни млазови.

„Ова е изненадувачко и ни покажува дека нешто што не сме предвиделе претходно мора да се случува во некои системи што вклучуваат неутронска ѕвезда и понормална придружна ѕвезда,“ вели Делер.

Превод: Биљана Велинова

Извор: IFLS

Сподели.