Научниците добија неверојатни вести од вселенската опсерваторија Хершел за две мошне млади галаксии кои се оформиле за релативно кратко време по Големата експлозија.
Вообичаено, при формирањето галаксиите акумулираат маса од екстерните гасни облаци. На крај, целата материја е привлечена од галаксијата и облаците почнуваат да се движат во непредвлидливи орбити со што се предизвикуваат турбуленции кои пак, се заслужни за раѓањето на ѕвездите.
Со цел детално да се проучи формирањето на галаксиите во далечното минато научниците ги набљудувале двете галаксии на 10 милијарди години од нас. Тоа е доба кога раѓањето на ѕвездите во галаксиите било значително поактивно од денес. Зеле примерок од две просечни галаксии за тоа време, со големина од 10 до 20% од онаа на Млечен пат.
Во процесот на истражување од голема помош била и појавата на гравитациска леќа, процес поради кој светлината од овие две галаксии се прекршува како последица на гравитациските влијанија на други групи поблиски галаксии. Главен удел во истражувањето имало набљудувањето на инфрацрвената светлина од јонизираниот јаглерод кој се покажува во облаците околу местото на формирање на нова ѕвезда, со што може да се проучи движењето на гаста и материјата во целата галаксија.
Резултатите покажале дека однесувањето на галаксијата S0901 е различно од типичните примероци од таа доба. Наместо очекуваните турбуленции, таа се движела стабилно, со нормална ротација потсетувајќи на денешните модерни галаксии. Истото важи и за втората галаксија која била дел од оваа студија, но со оглед на полошите податоци може да се остави и мал простор за сомневање.
Интересно е тоа што и покрај сталожената ротација тие ја задржиле главната каратеристика на галаксиите од тоа време и се места каде активно се создаваат нови ѕвезди. Па така, може да се претпостави дека засега, овие галаксии се заситени од акумулирање на гас и уште поважно, дека турбуленциите не биле толку потребни за поттикнување на раѓањето на нови ѕвезди како што налагаа досегашните теории.
Овие два необични примероци се навистина интересни и ќе бидат инспирација за понатамошни научни истражувања на поголем дел од галаксиите од таа доба.
Извор: phys.org
Превод: Михаела Стојанова