Низ годините, Хабл овозможи поглед надалеку во Универзумот. Иако прво се мислеше дека ќе бидат пронајдени многу нови светови, во Универзумот може да има многу помалку галаксии отколку што се претпоставуваше – 10 до 100 пати помалку, според новата студија на Универзитетот во Мичиген.
Првичните проценки за галаксиите кои не се видливи беа дека нивниот број е стотици до илјадници пати пoголем од бројот на галаксии кои можат да се видат со Хабл. Сега се мисли дека бројката е околу 10 пати повеќе галаксии.
О’Шеј (O’Shea) и неговиот тим, со помош на суперкомпјутерот на Националната научна фондација Блу Вотерс (Blue Waters) се обидуваат да дознаат повеќе за раното формирање на галаксиите преку симулации.
Галаксиите од симулациите се во согласност со набљудуваните галаксии на посветлиот крај од дистрибуцијата според светлина (вторите се оние галаксии кои се откриени и потврдени). Но, спротивно од очекувањата, симулациите не открија експоненцијално растечки број на бледи галаксии. Бројот на оние на долниот крај на дистрибуцијата според интензитетот на светлина бил константен, наместо да се покачува остро.
Овие симулации ќе бидат тестирани понатаму кога многу очекуваниот телескоп Џејмс Веб (James Webb Space Telescope) ќе биде во употреба во 2018 г. Со најновата, подобрена технологија ќе имаме уште подлабок поглед во Вселената и уште подобри слики од оние досега, кои и инаку се одлични слики, а ги направи Хабл (Hubble). Со Хабл можеме да го видиме само врвот на сантата лед од најдалечните галаксии – како што сликовито се обидува да долови Мајкл Норман (Michael Norman), ко-автор на истражувањето и директор на центарот во којшто се наоѓа суперкомпјутерот во Сан Диего. Сепак, новиот телескоп има и недостатоци. Имено, тој има мало поле на набљудување. Како резултат, набљудувањата мора да ја земат предвид космичката варијанса (статистичка варијација на бројот на галаксии од едно до друго место).
Ова е воедно и нешто што ги прави релевантни овие симулации, но ќе биде потребно и понатамошно теоретско проучување на ова поле.
Превод: Милан Велков
Извор: Phys