Меѓународен тим од научници искористија моќен ласер за да ги репродуцираат екстремните услови и енергии кои можат да се сретнат при блесок од гама зрачење. За првпат, тие можеа да потврдат одредени теоретски претпоставки кои научниците ги донеле за ваквите феномени.
Блесоците на гама зрачење се многу моќни и многу кратки емисии на високоенергетска светлина во далечните делови на универзумот. Некои од овие би можеле да бидат создадени од судири меѓу неутронски ѕвезди, но астрономите сеуште не ги разбираат овие феномени во целост. Се чини дека одговорот на нивните прашања би можел да дојде од лабораторијата, а не од небото.
Според извештајот на истражувачите, го примениле ласерот Гемини од лабораторијата Радерфорд Еплтон во Велика Британија. Овој инструмент може да ја насочи енергијата која Земјата ја добива од Сонцето во област тенка колку човечко влакно.
За да ги дуплираат (во размер) необичните околности во кои се случува еден блесок на гама зраци, тимот го искористи ласерот за да создаде материско-антиматериски зрак, кој се состои од електрони и нивните антиматериски еквивалентни позитрони. Тимот го измери јакото магнетно поле додека зракот се движел низ плазма и откри дека набљудувањата на истиот се совпаѓаат со општите мислења и очекувања на научниците.
„Во нашиот експеримент за првпат можевме да увидиме некои од клучните феномени кои играат голема улога во создавањето на блесоците на гама зраци, како самосоздавање на долготрајни магнетни полиња,“ изјави коавторот д-р Џанлука Сари, од универзитетот Квинс во Белфаст. „Овие потврдија одредени големи теоретски предвидувања за силата и распоредувањето на овие полиња. Накратко, нашиот експеримент, независно од било кој друг, потврдува дека моделите кои моментално се користат за разбирањето на блесоците на гама зраци се на прав пат.“
Овој експеримент не е само за астрофизика. Позитроно-електронскиот зрак е необична состојба на материја и физичарите се наклонети кон расчистување на различноста на физичките ефекти во оваа состојба. Сари забележува дека во свет направен само од позитрони и електрони, звукот не би можел да патува.
Ова истражување ја зајакнува нашата моментална претстава за блесоците на гама зрачење, но исто така не потсетува дека за целосно да ги разбереме, треба да погледнеме во Универзумот. Бидејќи блесоците на гама зрачење се толку ненадејни и произволни настани, нивното приметување е напорна работа. Ако хипотезата за судари на неутронски ѕвезди се потврди во сите или поголемиот број од случаите, астрономите би можеле да ги искористат гравитациските бранови за да набљудуваат повеќе од овие феномени.
Превод: Јоаким Јаковлески
Извор: IFLScience