Научници-граѓани помагаат да се лоцираат „пајаците“ на Марс

0
Научници-граѓани помагаат да се лоцираат „пајаците“ на Марс

Пајаковидната структура забележана на јужниот пол на Марс. Заслуги: NASA/JPL-CALTECH/UNIV. OF ARIZONA

Компјутерите се одлични и веројатно еден ден ќе бидат попаметни од нас, но без разлика на нивната моќ за сметање, луѓето сè уште ќе бидат во предност во едена клучна задача во науката: препознавање на шеми (patterns). Затоа, наместо да ги тренираме машините, истражувачите ги увидоа придобивките од помошта на 10.000 волонтери кои бараат вакви правилности на Марс. Оваа огромна група од научници-граѓани имаше можност да забележи неколку региони во форма на пајак на јужниот пол на Марс формирани од топењето на замрзнатиот јаглерод диоксид, како што беше видено од страна на MRO (Mars Reconnaissance Orbiter) на НАСА.

Претходните истражувања упатуваат кон веројатноста дека ледените делови се топат од дното па нагоре, задржувајќи доволно јаглерод диоксиден гас чијшто притосок прави процеп во мразот во чудна форма која потсетува на нозе од пајак.

„Заробениот гас од јаглерод диоксид, кој прави резба во форма на пајак во земјата, исто така пробива низ ледот кој се топи,“ изјави Мег Швамб (Meg Schwamb) од опсерваторијата Гемини. „Тоа предизвикува прашината и нечистотиите кои локалните ветришта ги разнесуваат да создаваат структури кои можат да се набљудуваат од орбита. “

Проектот е наречен Планета Четири: Површини (Planet Four: Terrains), и користи слики од CTX – Context Camera на MRO. Тој бара од волонтерите да споделат интересни детали, кои потоа се набљудуваат со HiRISE (High-Resolution Imaging Science Experiment) – камера прикачена на сондата.

„Изминатата декада, HiRISE го следеше овој процес во други делови на јужниот пол“ изјави Швамб. „Нови 20 региони беа додадени на оваа сезонска набљудувачка кампања. Без помошта од јавноста, не би биле во можност да видиме како овие региони се развиваат во текот на пролетта и летото споредено со други региони“.

„Прекрасно е да се видат толку многу жители на планетата Земја кои го донираат своето време за да помогнат во истражувањата за Марс. Благодарение на заедничката работа со толку многу луѓе го користиме HiRISE да прави фотографии од места кои не би ги проучиле без нивна помош“.

Тимот додаде повеќе CTX слики од регионот на јужниот пол за волонтерите да можат да ги видат. Проектот е дел од порталот за наука на граѓаните, Зуниверзум (Zooniverse), каде се водат 47 различни проекти, од астрономија и историја, па до медицина и литература. Повеќе од еден милион луѓе волонтираат на страната и најмалку 111 научни публикации се остварени благодарение  на помошта од научниците-граѓани.

Превод: Александра Бошкова

Извор: IFL Science

Сподели.