Нашата галаксија е доста полесна отколку што мислевме

0
Нашата галаксија е доста полесна

Млечниот Пат во инфрацрвена бранова должина. Заслуги: НАСА/Спитцер

Андромеда е нашиот најблизок галактички сосед, на растојание од 2.5 милиони светлински години. Претходни изучувања укажуваат дека Андромеда има два пати поголем број на ѕвезди од Млечниот Пат, иако некои астрономи проценуваат дека нашата галаксија е сепак помасивна. Нов метод за пресметување на маса на галаксија укажува дека Млечниот Пат е всушност дупло помалку масивна од Андромеда. Оваа нова калкулација е развиена од меѓународен тим од астрономи и е објавена во весникот Monthly Notices of the Royal Astronomical Society.

Овој нов метод е изненадувачки прецизен, со тоа што ги зема предвид релативните растојанија на сите 54 галаксии и збирот на џуџестите галаксии кои се во нашата локална галактичка група. Додатно, измерени биле и галаксиите кои се во близина на Локалната група, како би се зеле предвид потенцијални гравитациски ефекти од надворешноста на групата.

Иако Универзумот постојано се шири, галаксиите во внатрешноста на галактичката група меѓусебно се привлекуваат заради гравитациските ефекти – факт кој на крајот доведува до оваа нова калкулација. Откако се составила листата на галаксиите и нивните релативни растојанија, истражувачите имале можност да ја идентификуваат централната точка на Локалната група, со цел да се сумира целата видлива материја, како и темната материја.

Тимот на Вокер можел да ги земе во предвид силата на гравитација во Локалната група, како и надворешните сили на експанзија со цел прецизно да ја одредат масата на нашата Галаксија и на нашиот најблизок сосед. Конечно, тимот успеал да ги побие другите изучувања кои тврдеа дека Млечниот пат е помасивен од Андромеда. Всушност, нашата галаксија е два пати помалку масивна од Андромеда. Дополнително, тимот пронашол дека само 10 проценти од сите овие галаксии се составени од регуларна материја. Остатокот од материјата се добива од темната материја.

„Историски гледано, претпоставките за масата на Млечниот Пат имаат големи варијации“, вели ко-авторот Метју Вокер.

„Преку изучувањето на две масивни галаксии кои се блиску една до друга, како и галаксиите кои ги опкружуваат, може да искористиме она што го знаеме за гравитацијата и да го споредиме со знаењето за експанзијата, со цел да добиеме точна сума за масата содржана од секоја галаксија. Ова е првпат како сме имале можност истовремено да ги измериме овие две работи.“

Превод: Бојан Андоновски

Извор: IFLS

Сподели.