Најновите податоци од MRO (Mars Reconnaissance Orbiter) на НАСА даваат најцврсти докази досега за повремено постоење на вода во течна состојба на Марс денес.
Со користење на спектрометарот за обработка на слики на MRO, истражувачите на Црвената планета открија белези карактеристични за хидрирани минерали, на падините каде се забележани мистериозни траги. Се чини дека овие темни ленти опаѓаат и истекуваат со тек на времето. Тие потемнуваат и изгледаат како да течат низ тесните падини кога времето е потопло, а потоа во постудените периоди избледуваат. Нивното појавување е забележано на повеќе локации на Марс, каде температурите се симнуваат под 23 Целзиусови степени, а исчезнуваат кога е поладно.
„Нашата задача на Марс беше да ја „следиме водата“ во потрагата по живот во Универзумот, а сега имаме убедливи научни докази кои го потврдуваат она во кое долго време се сомневавме,“ вели Џон Грунсфелд (John Grunsfeld), астронаут и вработен во НАСА. „Ова претставува значаен пресврт, бидејќи се чини дека потврдува дека вода, иако солена, тече во моментов на површината на Марс.“
Овие надолни теченија, познати како повторувачки падински линии (Recurring slope lineae – RSL), често се опишувани како можно поврзани со течна вода. Новите докази за хидрираните соли на падините укажуваат на нивната врска со темните површини. Тие би ја намалиле температурата на замрзнување на течната солена вода, како што солите на патиштата на Земјата прават мразот и снегот да се топат побрзо. Научниците велат дека веројатно се работи за плиток потповршински тек, со доволно вода која истекува на површината за да може да се објаснат темните линии.
Овие необични обележја за првпат биле откриени во 2010-та година, но дури сега се откриени хидрирани минерали интерпретирани како перхлорати – веројатно мешавина од магнезиум перхлорат, магнезиум хлорат и натриум перхлорат. За некои перхлорати е познато дека ги чуваат течностите од замрзнување дури и кога надворешните услови се на температури од -70 Целзиусови степени. На Земјата, природно создадените перхлорати се концентрирани во пустините, а некои од нив можат да се употребуваат како ракетни горива.
Перхлорати и претходно биле детектирани во почвата на Марс, од страна на сондата Феникс (Phoenix) и роверот Кјуриосити (Curiosity) на НАСА, а можно е дури и мисиите Викинг во 1970-те да направиле слични мерења. Сепак, ова истражување на повторувачките падински линии сега откри перхлорати во хидрирана форма, на различни простори од оние кои биле истражени од претходните сонди, а исто тка е и првпат тие да бидат идентификувани од орбита.
„Досега, кога се зборуваше за вода на Марс, најчесто се мислеше на древна или замрзната вода, но сега знаеме повеќе за приказната: ова е првата спектрална детекција која недвосмислено ја поддржува хипотезата за создавање на течна вода низ повторувачките падиски линии,“ вели еден од истражувачите.
Ова откритие е едно од многуте чекори напред направени од мисиите на Марс на НАСА. Мајкл Мејер (MichaelMeyer), главен научник во Програмата за истражување на Марс во седиштето на агенцијата во Вашингтон, изјавува: „Беа потребни повеќе вселенски летала во изминатите години за да се разреши оваа мистерија, и сега знаеме дека постои течна вода на површината на оваа студена, пуста планета. Се чини дека колку што повеќе го истражуваме Марс, толку повеќе учиме за тоа во какви сè услови може да биде поддржан животот, и каде постојат ресурси за истиот да се поддржи во иднината.“
Подолу, официјалната изјава и повеќе информации од научниците во НАСА:
Превод: Марина Димовска
Извор: NASA Mars Exploration