Најверојатно ќе треба да ги преиспитаме досегашните теории за почетокот на животот на Земјата

0
Најверојатно ќе треба да ги преиспитаме досегашните теории за почетокот на животот на Земјата

Извор: NOAA/Wikimedia

Речиси девет децении научниците во главно се согласуваат дека потеклото на животот на планетава започнал во првобитната супа, односно од низа хемиски реакции во топлите водени бари на површината на Земјата, кои биле предизвикани од надворешен извор на енергија, како на пример удар од гром, или пак УВ зрачење.

Но, неодамнешните истражувања даваат поголемо значење и на алтернативната идеја која вели дека животот започнал длабоко во океаните, во рамките на топли, карпести структури кои се нарекуваат хидротермални отвори. Се претпоставува дека предокот на сите животни клетки се развивал во водороден гас во средина богата со железо. Вака опишаната средина ја има и кај хидротерманите отвори во океаните. Оваа теза се смета за контроверзна и егзотична, но сепак треба да се земе предвид бидејќи добро објаснува како живите клетки си ја развиле способноста за одржување  на енергија, нешто што не може да се стори со веќе широкоприфатената теорија за праисториската супа. Според оваа хипотеза животот започал кога УВ светлината предизвикала едноставните молекули да се сврзат меѓусебно, формирајќи комплексни соединенија. Овој процес кулминирал со формирањето на молекули со способност за чување на информации, слични како нашата ДНК. Лабораториските експерименти потврдуваат дека во зададените услови е навистина можно да се случат вакви молекуларни соединувања кои по некое време би резултирале со протеини и молекули кои имаат способност за складирање на информации. Но, за да се случи размножувањето, создавањето на нови проетини и други видови клетки, неопходно е огромно количество на енергија. Според новите истражувања праисториската супа не била место каде ваквите реакции би имале доволно енергија за сите неопходни процеси.

Направени се испитувања на група гени кои најверојатно биле присутни во времето на создавање на првите живи клетки во подводните хидротермални отвори. Станува збор за геолошки структури кои настануваат поради хемиски реакции помеѓу цврсти карпи и вода. Алкалните флуиди од кората на Земјата преку тие отвори се придвижуваат нагоре кон покиселите океански води, создавајќи природна концентрација на протони, слични на тие кои им даваат енергија на сите живи клетки. Така, се претпоставува дека во најраните фази од еволуцијата на животот, хемиските реакции во примитивните клетки биле предизвикани од ваквите небиолошки протонски градиенти. Потоа, клетките научиле како сами да си произведуваат протони и излегле од отворите за да се рашират низ остатокот од океаните, а потоа и на површината.

Значи, поддржувачите на теоријата за праисториската супа предложуваат дека првичните хемиски реакции на животот се предизвикани од страна на сончевите УВ зраци. Но, ако е така, тогаш зошто тогаш модерниот, денешен живот не зема енергија од вакви надворешни, силни извори на енергија, туку тоа се случува во самите мембрани со помош на јонските градиенти? Затоа, се предлага да се земе предвид новата теорија според која во рамките на океанските хидротермални отвори би можеле да постојат навистина поволни услови за развивањето на комплексните органски молекули, чии методи за собирање и користење на енергија се исти како оние кај денешните клетки.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: Science Alert

Сподели.