Најстарите микрофосили покажуваат дека животот на Земјата се развивал и пред 4 милијарди години

0
Најстарите микрофосили покажуваат дека животот на Земјата се развивал и пред 4 милијарди години

Знаци на живот во карпи останати од антички хидротермални извори. Овие микроскопски цевчиња од хематит (руда на железо) можат да бидат остатоци од прастари микроби. Заслуги: M. Dodd

Малечки железни фосили, ископани од длабочините на антички океан, можат да ја откријат лулката на животот. Овие микрометарски структури најверојатно се остатоци од некогашни микроорганизми од хидротермални извори.

„Накусо кажано, она што го пронајдовме се најстарите микрофосили на Земјата.“- кажува ко-авторот на студијата Метју Дот, био-геохемичар на Универзитетскиот колеџ Лондон. Карпите во кои се наоѓаат фосилите доаѓаат од Квебек и се стари нешто повеќе од 4 милијарди години, кога Земјата уште била многу млада. Следните најстари фосили датираат од пред околу 3.5 милијарди години, иако нивната валидност не е со сигурност точна.

„Ако овие структури се навистина остатоци од микроби, тогаш ова е фантастично!“ – вели астробиологот Мартин ван Крејндонк од универзитетот Нов Јужен Велс во Сиднеј. Но, и самиот не е многу сигурен во целата теорија. Поточно, кажува дека „едноставно не постои доказ дека било која од текстурите или карактеристиките што ги имаат посочува на уникатноста на животот.“

Тврдењата за поранешниот живот често се многу контрoверзни. Научниците што го истражуваат настанокот на животот обично немаат многу материјали за работа со кои располагаат. Не е исто да се истражуваат коски од диносауруси, и да се истражуваат микрометарски клетки на микроби стари повеќе од 4 милијарди години. И покрај сите лоши услови за работа, најлошо е што самите фосили не се во добра состојба, т.е. огромната топлина и притисок со кои се соочувале во карпите над 4 милијарди години им ја оштетиле структурата.

Затоа, истражувачите повеќе се потпираат на хемиските анализи на карпите. Мината година, Ван Крејдонк и колегитe потврдија постоење на антички микроби во карпи од Гренланд стари 3.7 милијарди години.

Иако овие структури (наречени строматолити) се слични по старост на новооткриените, сепак доаѓаат од друг крај на светот, т.е. од сосема друга животна средина. Постоењето на микроби кои просперирале во две различни животни средини толку рано во историјата на планетата би значело дека животот се ширел многу брзо.

Тимот на Метју Дот забележал тесни канали и нишки на железниот минерал хематит што денес би личеле како дело на бактерии. „Но, тие всушност се заштитен материјал закачен за површината на античките микроби, кој им помага да ја зачуваат својата форма и текстура“- вели Дот.

Неговиот тим исто така открил и други знаци на живот, вклучувајќи ги јаглеродниот потпис на животот и минералите слични на апатитот поврзани со биолошки активности. „Биологијата е еден од начините со кој можат да се објаснат овие појави.“ – објаснува астробиологот од НАСА, Абигел Елвуд. „Но, самите појави можат да се толкуваат и како небиолошки докази, што е доста збунувачки.“

Секоја линија на докази на кои што се посочува, прикажува процес кој можел да се случува во различни временски периоди, разложувајќи ги трагите на начин на кој изгледаат биолошки, а всушност не се. „Не можете само да кажете дека сето ова се случило во исто време.“- вели Елвуд.

Палеобиологот Давид Вејси, од Универзитетот на Западна Австралија во Кроули, се согласува дека самите по себе доказите од хемиските анализи не се сосема сигурни и точни. Но, кога се комбинирани со микроструктурите, тогаш авторите би добиле доста убедливо „биолошко сценарио.“

Вејси ги очекува деталните анализи од карпите од Квебек. „Секако, не се сомневам дека ќе имаме аргументи.“- вели тој. „Но, истражувањето може да ја оживее теоријата за хидротермалните извори како потенцијални места на раѓањето на животот.“

Превод: Давид Симоновски

Извор: ScienceNews

Сподели.