Телескопот XMM-Newton на Европската Вселенска агенција (ESA) пронајде пулсар, ротирачки остаток од некогашна масивна ѕвезда, кој е 1.000 пати посјаен отколку што досега се сметало дека е можно.
Пулсарот NGC 5907 X-1 претставува најоддалечен пулсар од сите кои досега биле откриени, а чија светлина надминала 50 милиони светлински години пред да биде детектиран од страна на телескопот за X-зраци XMM Newton.
Пулсарите се ротирачки, магнетни неутронски ѕвезди, кои емитираат исклучиво периодични импулси во два симетрични зраци низ Вселената. Доколку оските на споменатите зраци се поклопат со правецот во кој се наоѓа нашата планета, тогаш се добива впечаток дека во правците на пулсарот се наоѓа некаков светилник, чие светло постојано се пали и гаси, во ритамот на ротацијата на пулсарот. Во суштина, пулсарите претставуваат остатоци од претходните моќни супернови, создадени со експлозија на масивни ѕвезди на крајот на својот животен век, пред да станат мали, но со особено густи ѕвездени јадра. Пулсарот NGC 5907 X-1 е најсјајниот објект кој емитира X-зраци детектиран досега, а кој ја преминува десет пати вредноста на претходно детектираниот најсјаен пулсар. Енергијата која овој моќен извор ја емитира во само една секунда, ја претставува енергијата која нашето Сонце ја испушта во текот на цели 3.5 години.
Телескопот XMM-Newton набљудувал објект неколку пати во текот на изминатите 13 години и тој се поклопува со објектот чиј период на пулсирање е 1.13 сек. Истиот сигнал е исто така, забележан во базата Nustar на НАСА, каде се наоѓаат дополнителни карактеристики на објектот.
Архивските податоци укажуваат дека периодот на ротација на NGC 5907 X-1 се променил со текот на времето од 1.43 сек. во 2003 г. на 1.13 сек. во 2014 г.
Научниците сметаат дека станува збор за влијание на магнетно поле кое е многу силно и комплексно во својата структура, во близина на површината на неутронска ѕвезда, така што таложењето на материјал на површината на ѕвездата е сè уште можно и покрај високата сјајност на самата неутронска ѕвезда.
Овој необичен објект, во споредба со сите досегашни слични објекти, е најекстремен во поглед на оддалеченоста, сјајноста и степенот на промена на брзината на ротација.
Според научниците на проектот XMM-Newton, сето ова претставува голем предизвик кај астрофизичарите, за да објаснат како ваквите процеси се воопшто можни кај пулсари.
Превод: Петар Ивановски
Извор: Астрономски Магазин