Најбрзите ѕвезди во Млечниот Пат се „бегалци“ од друга галаксија

0

Група од астрономи покажа дека најбрзодвижечките ѕвезди во нашата галаксија, кои патуваат толку брзо што можат да заминат од Млечниот Пат, се всушност бегалци од многу помала галаксија која орбитира околу нашата.

Најбрзите ѕвезди во Млечниот Пат се „бегалци“ од друга галаксија

Уметнички приказ на ѕвезда-бегалец. Заслуги: Amanda Smith

Истражувачите користеле податоци од инструменти и симулации кои покажуваат дека тие потекнуваат од Големиот Магелански Облак, џуџеста галаксија во орбита околу Млечниот Пат.

Овие брзодвижечки ѕвезди, познати како хипербрзи ѕвезди, можеле да избегаат од нивните оригинални домови кога експлозија од една ѕвезда во бинарен систем предизвикала другата да избега со таква брзина што можела да ја избегне гравитациската сила на Големиот Магелански Облак и да биде вовлечена во Млечниот Пат.

Астрономите во почетокот мислеле дека хипербрзи ѕвезди кои се големи сини ѕвезди биле пуштени од јадрото на Млечниот Пат. Други сценарија кои вклучуваат дисинтергрирачки џуџести галаксии или хаотични групи на ѕвезди можеле да ги објаснат брзините на овие ѕвезди, но сите три механизми не објаснуваат зошто тие се наоѓаат само во одредени делови од небото.

До денес се набљудувани отприлика 20 хипербрзи ѕвезди, повеќето од кои во северната хемисфера, иако е можно да има многу кои може да се набљудуваат само од јужната хемисфера. Повеќето се пронајдени во соѕвездијата Лав и Секстант.

Алтернативно објаснување за потеклото на хипербрзи ѕвезди е дека тие се бегалци од двоен систем. Во бинарни системи, колку поблиску се ѕвездите, толку побрзо се орбитираат една околу друга. Ако една ѕвезда експлодира во супернова, таа може да ја раскине бинарноста и да предизвика останата ѕвезда да одлета со брзината со која кружела. Ѕвездата која одлетува е позната како бегалец. Ѕвезди-бегалци кои потекнуваат од Млечниот Пат не се доволно брзи за да се сметаат за хипербрзи, бидејќи сините ѕвезди не можат да орбитираат толку блиску без да се спојат, но галаксии кои се движат брзо можат да направат такви ѕвезди.

Истражувачите исто така ги симулирале смртта и раѓањето на ѕвезди во Големиот Магелански Облак преку последните две милијарди години и ги забележиле сите ѕвезди-бегалци. Орбитата на забележаните ѕвезди-бегалци била проследена во втора симулација која ја вклучувала гравитацијата на Големиот Магелански Облак и Млечниот Пат. Ова истражување им дозволило да предвидат каде би требало да се најдат тие ѕвезди на небото.

Предвидено е дека има околу 10.000 бегалци распространети преку небото, од кои половина можат да ја избегнат гравитацијата од Млечниот Пат, правејќи ги супербрзи ѕвезди. Ако преттоа познатите супербрзи ѕвезди се бегалци, тогаш тоа би им ги објаснило позициите на небото.

Масивни сини ѕвезди најчесто колабираат преку стотици милиони години, а ѕвездите-бегалци не се различни. Повеќето од симулираните ѕвезди изумреле по пат од излегување од Големиот Магелански Облак. Остатоците продолжуваат по патот и истражувачите предвидуваат милион такви остатоци кои веќе поминуваат преку Млечниот Пат.

Сателитот Гаја (Gaia) на Европската Вселенска Агенција (ESA) наскоро ќе ни даде информации за тоа дали се вистина овие предвидувања со извештајот за милијарди ѕвезди кои ќе го прати следната година. Би требало да има трага од хипербрзи ѕвезди преку небото помеѓу соѕвездијата Лав и Секстант на север и Големиот Магелански Облак на југ.

Превод: Јован Милосковски

Извор: Phys

Сподели.