Истражувачите од Институтот Макс Планк за гравитациска физика (Институт Алберт Ајнштајн) во Потсдам открија дека скриени димензии, според предвидувањата во теоријата на струни, би можеле да влијаат на гравитациските бранови. Во неодамна објавен труд, тие ги проучуваат последиците од дополнителни димензии врз овие бранувања во време-просторот и предвидуваат дали нивните ефекти би можеле да бидат забележани.
Првото забележување на гравитациски бранови од двојни црни дупки направено од LIGO во септември 2015-та година отвори нов прозорец кон Универзумот. Сега, изгледа дека со оваа нова алатка за набљудување физичарите не само што може да трагаат по црни дупки и други егзотични астрофизички објекти, туку може да ја разберат и самата гравитација. „Споредено со другите фундаментални сили, како на пример електромагнетизмот, гравитацијата е екстремно слаба,“ објаснува д-р. Дејвид Андриот, еден од авторите на трудот. Причината за нејзината слабост би можела да биде тоа што гравитацијата меѓусебно влијае со повеќе од три просторни и една временска димензија кои што се дел од нашето секојдневно искуство.
Дополнителни димензии
Дополнителните димензии што се скриени, бидејќи се многу мали, се неопходен дел од теоријата на струни, една од ветувачките кандидати за теорија на квантна гравитација. Теорија за квантна гравитација, која што ги унифицира квантната механика и општата релативност, е барана со цел да се разбере што се случува кога се вклучени огромни маси на многу мали растојанија, на пример внатрешноста на црна дупка или самиот Голем Прскот.
„Физичарите се во потрага по дополнителни димензии во Големиот Хадронски Судирач во ЦЕРН, но до сега без никакви резултати,“ вели Др. Густаво Лучена Гомез, вториот автор на трудот. „Но, детекторите на гравитациски работи можеби ќе можат да обезбедат експериментални докази.“
Истражувачите откриле дека дополнителни димензии би требало да имаат два различни ефекти на гравитациски бранови: тие би ги измениле „стандардните“ гравитациски бранови и би предизвикале дополнителни бранови на високи фреквенции над 1000 Hz. Сепак, набљудување на дополнителните бранови е неверојатно бидејќи постоечките детектори на гравитациски бранови кои што се сместени на Земјата не се доволно осетливи на високи фреквенции.
Од друга страна, ефектот што дополнителните димензии може да направат разлика во тоа како „стандардните“ гравитациски бранови го растегнуваат и собираат време-просторот може да биде полесно да се забележи со користење на повеќе од еден детектор. Бидејќи детекторот Virgo ќе се приклучи на двата LIGO детектори во наредното набљудување, ова може да се случи после крајот на 2018-та или почетокот на 2019-та година.
Превод: Биљана Велинова
Извор: Phys