Можноста за пронаоѓање на вонземски живот е сериозна, но политичарите немаат волја за ова сценарио

0
пронаоѓање на вонземски живот

Заслуги: ХауардИгнатиус, CC BY-NC-ND

Иако вонземски живот често е забележан на телевизија и на филмското платно, сепак тој сеуште не е забележан во Вселената. Нема ниту тронка доказ во форма на микроби, мртви или живи, а камо ли пегасти Клингонци.

Покрај отсуството на вакви протоплазматични форми, постојат многу истражувачи на оваа тема, трезвени скептични академици, кои мислат дека животот надвор од Земјата го има во изобилие. Тие сугерираат дека доказ за вакво сценарио ќе добиеме во периодот на оваа генерација. Овие научници ја поддржуваат својата оптимистичка теза со неколку астрономски факти кои беа непознати за претходната генерација.

Поточно, благодарејќи на успехот добиен со Кеплеровиот телескоп на НАСА, денес можеме со голема сигурност да кажеме дека Универзумот е полн со умерени и надежни светови. Во изминативе две декади беа пронајдени илјадници планети кои орбитираат околу своите ѕвезди и стапката на откривање на планети расте, со тоа што денес откриваме по планета на ден.

Поимпресивно од бројката е самото изобилство на планетите. Од набљудувањата дознаваме дека мнозинството од ѕвездите имаат свои планети, укажувајќи на тоа дека постојат билијарди од овие објекти и тоа само во нашата галаксија. Подлабока анализа од податоците на Кеплер укажува дека една на секои пет ѕвезди можеби една поседува посебна планета, и тоа таква што има големина приближна на Земјата, како и со слични просечни температури. Ваквите планети кои се означени како „погодни за живеење“, можеби поседуваат атмосфери, како и големи количества течна вода. Со други зборови, Млечниот пат можеби е домаќин на десетици милијарди роднини-планети на нашата Земја.

Стерилен Универзум?

Навистина е тешко да се прифати дека сите овие светови се „стерилни”, притоа правејќи нè нас и целата флора и фауна на нашата планета навистина ретко чудо, а чудата имаат мал кредибилитет во науката.

Иако постојат голем број на примамливи космички недвижнини, тоа не значи дека пронаоѓањето на тамошните жители е лесна задача. Засега постојат само три начини да се оствари тоа и сите тие се базирани на софистицирани и доста скапи експерименти.

Најпрво, би можеле да најдеме живот во наша близина. За ова постои вистински вложен труд, особено со тековното извидување на Марс. Досега, повеќето од истражувањата беа индиректни: праќањето ровери чија цел е да ги пронајдат најдобрите локации за копање на црвената планета, како и потенцијално да се откријат фосилизирани или изумрени микроби под стерилната површина. Ова не претставува обид за пронаоѓање на живот. Ова се обиди за пронаоѓање на локации каде би откриле живот. Напредокот е внимателен и истиот е доста бавен.

Без никаков сомнеж, Марс останува главниот фаворит за биологија. Сепак, некои од експертите би ги ставиле своите пари на некои од месечините на Сатурн или Јупитер. Барем пет од овие сателити изгледаат како да се дом на водени и течни средини—највеќе течна вода, иако во случајот на Титан имаме природен гас.

Треба да се назначи дека категоријата на живи организми, на овие месечини, би била од микроскопски размери. Пронаоѓање присуство на ваква форма на живот може да биде остварено на различни начини, од едноставни прелетувачки мисии кои собираат податоци од природни гејзери, до праќање на машини со опрема за бушење како би се поминал слојот од мраз кој ја раздвојува површината на месечината на Европа од огромните мориња кои се наоѓаат под него.

За жал, поголемиот дел од овој набљудувачки хардвер е сè уште само на планските табли, а не во Вселената. Напредокот е бавен и тоа највеќе како резултат на ниското финансирање.

Друг начин за добивање на докази за биологија е проучувањето на атмосферите на планетите околу други ѕвезди. Ова се прави со користење на добро позната техника во астрономијата, спектроскопија – пристап кој овозможува на истражувачите да го дознаат составот на атмосферата на планети кои се наоѓаат на огромно растојание. Иако експериментот за наоѓање на кислород или метан кај другите атмосфери е едноставен да се опише, сепак тој е тешко изводлив. Тешкотиите произлегуваат од слабата светлина на планетите, како и од јачината на зрачење од ѕвездите околу кои тие орбитираат.

Голем број на предлози поврзани со овој предизвик се смислени, вклучувајќи повеќе-елементски орбитирачки телескопи и огромни блоковски засенувачи на светлина кои би се пратиле во Вселената. Иако вакви потфати звучат тешко, сепак инженерите би можеле да ги изградат за време од околу 10 години, но само доколку би ги имале парите.

Третиот пристап за наоѓање на вонземска биологија е преку наслушнување на сигнали, пратени од интелигентен живот и тоа со слушање на потенцијални радиосигнали или ласерски светла. Поголем број на антени и подобри приемници би можеле да го забрзаат овој начин на потрага, но повторно, финансирањето е најголемиот фактор на ограничување.

Заслуги: shanafin, CC BY-SA

Колку за перспектива, предложениот буџет на НАСА за 2015 година е околу 2.5 милијарди долари за планетарна наука, астрофизика и продолжената работа на новиот телескоп Џејмс Веб. Оваа сума е значително помалку од една илјадитина од целосниот Амерички федерален буџет. Буџетот за Сети, кој го користи третиот напоменет пристап, е илјада пати помал.

Тоа значи дека сето ова се сведува на следното: не знаеме со сигурност дека постои живот надвор во Вселената, но околностите на Универзумот сугерираат дека ова навистина е разумна идеја. Пронајдокот на живот надвор од нашата планета е навистина возбудлив концепт, но бидејќи не постои никаква гаранција за исплатливост, финансирањата и инвестициите досега се навистина скромни.

Сепак, ако не се вложи, не може да се добие награда и тоа е претставува прашање на волја.

Превод: Бојан Андоновски

Извор: IFLS

Сподели.