Можеби тоа не беше Хигсовата честичка

0
Можеби тоа не беше Хигсовата честичка

Помошник Професорот Мадс Тоудал Франдсен, Универзитетот Јужна Данска

Минатата година, ЦЕРН изјави за пронајдоците на нова елементарна честичка, наречена Хигсова честичка. Но сепак, можеби пронајдокот не била Хигсовата честичка – можеби добиениот резултат само наликувал на оваа честичка и постои можност таа да не е осамена.

Многу пресметки посочуваат дека откриената честичка со LHC (Large Hadron Collider) во ЦЕРН е всушност познатата Хигсова честичка. Физичарите се сложуваат дека ЦЕРН експериментите навистина пронашле нова честичка која претходно не била забележана, но според одреден меѓународен истражувачки тим, не постојат убедливи докази дека новата честичка е навистина очекуваната Хигсова честичка.

Тимот на истражувачи ги испитувал постоечките научни информации од ЦЕРН, во врска со новооткриената честичка и тие ги објавиле своите анализи во списанието Physical Review D. Еден член од овој тим е Мадс Тоудал Франдсен, помошник професор во Центарот за космологија и феноменологијата на физичките честички од Универзитетот Јужна Данска.

„Општо гледано, ЦЕРН податоците се земени како доказ дека пронајдената честичка е Хигсовата честичка. Точен е фактот дека Хигсовата честичка може да ги објасни овие податоци, но можно е да постојат повеќе објаснувања кои би можеле да ги добиеме од други честички“, вели Мадс.

Анализата од страна на истражувачите не ја отстранува можноста дека експериментите во ЦЕРН навистина ја пронашле Хигсовата честичка. Тоа е сè уште возможно – но еднакво возможно е дека таа претставува некој друг тип на честичка.

„Досегашните податоци не се доволно прецизни за да одредат која е точно откриената честичка. Постои можност пронајдокот да е само една од останатите познати честички“, продолжува Мадс.

Но, доколку пронајдената честичка не е Хигсовата честичка, тогаш што точно претставува откритието? „Ние веруваме дека тоа би можело да биде т.н. техни-хигс честичка (techni-higgs particle). Оваа честичка е на одреден начин слична со Хигсовата честичка – од таму и половината од името“, вели Мадс.

Иако техни-хигс честичката и Хигсовата честичка може да бидат лесно помешани при експерименти, тие сепак претставуваат две доста различни честички кои припаѓаат на две многу различни теории за тоа како Универзумот бил создаден. Хигсовата честичка е делчето кое недостасува на теоријата за Стандардниот модел. Оваа теорија објаснува три од четирите сили во природата, но не успева во објаснувањетто на темната материја- супстанцата која е одговорна за поголемиот дел од Универзумот. Доколку постои таканаречената техни-хигсова честичка, таа претставува нешто сосема различно:

„Техни-хигс честичката не претставува елементарна честичка. Наместо тоа, таа се состои од таканаречени техни-кваркови за кои ние мислиме дека се елементарни. Техни-кварковите може да се сврзуваат на различни начини со што одредени комбинации може да формираат техни-хигсови честички, додека други комбинации би можеле да ја формираат темната материја. Со таа цел очекуваме да пронајдеме неколку различни честички кај LHC кои се составени од техни-кваркови“, вели Мадс.

Доколку навистина постојат техни-кварковите, тогаш мора да постои сила која ги врзува заедно како би формирале честички. Ниедна од четирите познати сили во природата (гравитација, електромагнетната, слабата и јаката нуклеарна сила) не е добра во сврзувањето на техни-кварковите. Заради овој факт, мора да постои сè уште неоткриена сила во природата. Оваа сила е наречена техиниколор сила.

Тоа што беше пронајдено минатата година во ЦЕРН би можело да претставува Хигсовата честичка за Стандардниот модел, или пак лесна техни-хигс честичка составена од два техни-кваркови.

Мадс Тоудал Франдсен верува дека повеќе податоци од ЦЕРН најверојатно ќе можат да одредат дали ова е Хигсова или техни-хигс честичка. Доколку ЦЕРН добие помоќен забрзувач, во принцип ќе има можност директно да се набљудуваат потенцијалните техни-кваркови.

Превод: Бојан Андоновски

Извор: Phys.org

Сподели.