Moжеби Касини го нема веќе, но започнува нова ера во истражувањето на Сатурн

0

Заслуги: NASA/JPL/Space Science Institute

Мисијата на Касини дојде до својот трагичен крај во Септември, но податоците од оваа сонда и натаму откриваат мистерии за оваа планета. Меѓу последните доаѓа сознанието дека електричниот полнеж на регионот од атмосферата наречен јоносфера е далеку покомплексен отколку што се мислело. Научниците дознаваат дека јоносферата е под силно влијание на сенките фрлени од прстените на планетата, а можно е и дека стапува во интеракција со честички од мраз во прстените предизвикувајќи го феноменот „дожд од прстен“ така да јоносферата на Сатурн е многу покомплексна од тоа што можело да се замисли. Касини може да биде само вовед во многу фантастични откритија за планетата со прстен.

По тринаесетгодишното патување во системот на Сатурн, Касини во Април започна нова траекторија која го однела во неистражената територија меѓу Сатурн и прстените, која го вклучува и врвот на атмосферата на Сатурн. Ова им овозможи на инструментите на Касини да направат in situ мерења на составот на атмосферата на Сатурн за прв пат досега. Истражувачите и порано имаа правено испитувања на составот, предимно преку методата на радио окултација, но имање на инструмент кој се наоѓа таму овозможува многу попрецизни мерења. Всушност може да се каже дека нема замена за мерењата in situ.

Новиот труд е базиран на податоци собрани од Инструментот на Касини за Радио и Плазма Наука(Cassini’s Radio and Plasma Wave Science instrument или RPWS) кој ја мери електронската густина во атмосферата на планетата. Научниците велат дека ова ќе биде првата од низата истражувања на овој регион на Сатурн. Вилијам Курт, главниот истражувач задолжен за RPWS и коавтор на студијата, изјави дека новиот труд е базиран на првите 11 (од вкупно 22) поминувања на Касини во просторот меѓу планетата и прстените. Според него сега постојат доволно информации за пишување на труд за јоносферата на Сатурн, со што воедно ќе се постават и темелите за истражувањата што следуваат.

Заслуги: Шведскиот Институт за Вселенска Физика

Истражувачите забележале големи варијации во густината на електроните меѓу орбитите како и на различни висини и ширини во ист прстен. Некои од овие варијации може да се должат на интеракции меѓу самите прстени, но сите варијации не можат да бидат објаснети на овој начин. На пример, прстените А и В фрлаат сенки на планетата што се доволно густи и непроѕирни да ја блокираат UV светлината која доаѓа од Сонцето и да ја спречат да дојде до атмосферата. UV делот од спектарот на светлината е способен да исфрли електрон од атом со што тој електрон слободно ќе лебди без да има врска со јадрото. Оттаму, регионите со сенки имаат помала електронска густина од другите делови на планетата.

Но тоа е само дел од приказната. Обсервирани се и низа други ефекти кои се чини дека имаат врска со прстените, но кои се сеуште слабо разбрани. Забележано е и дека феноменот на „дожд од прстен“ нема значајно влијание на јоносферата на планетата во екваторијалните региони, каде што се направени мерењата во новата студија. Како и да е, сеуште е можно дека водените партикли од прстените стапуваат во интеракција со атмосферата на Сатурн на одредени широчини.

Како што ќе се објавуваат снимените податоци од останатите инструменти на Касини во наредните месеци се очекува до некаде да се разјасни структурата на јоносферата. Курт додава дека научниците веќе ги споредуваат набљудувањата и се обидуваат да дојдат до објаснување за што тие значат.

Хантер Ваите, директор за планетарна масена спектрометрија од South West Research Institute, додаде: „Не бевме во право во врска со јоносферата, но тоа е во ред. Мајката природа е секогаш покреативна од научниците“.

Превод: Милан Велков

Извор: Phys

Сподели.