Може ли Мултиверзумот да биде погоден за живот?

0

Мултиверзумот – каде што нашиот Универзум е само еден од многуте – можеби не е толку непогоден за животот како што претходно се мислеше, според ново истражување.

Прашања за тоа дали други универзуми би можеле да постојат како дел од поголем Мултиверзум, и дали тие можат да содржат животот, се главни проблеми во современата космологија. Сега, ново истражување предводено од Универзитетот Дурхам, Велика Британија и Универзитетот на Сиднеј, Универзитетот на Западен Сиднеј и Универзитетот на Западна Австралија покажа дека животот може да биде честа појава во Мултиверзумот, доколку постои.

Решението на ова, велат истражувачите, е темната енергија, мистериозната „сила“ која го забрзува раширувањето на Универзумот. Научниците велат дека сегашните теории за потеклото на Универзумот предвидуваат многу повеќе темна енергија во нашиот Универзум отколку што е набљудувано. Поголеми количини на темна енергија би предизвикале толку брзо ширење што материјата ќе се разреди пред да можат да се формираат ѕвезди, планети или живот.

Теоријата за постоење на Мултиверзум, воведена во 1980-тите, може да ја објасни „малата“ количина на темна енергија во нашиот Универзум што го овозможува постоењето на животот, споредено со другите универзуми кои не би имале услови за живот.

Користејќи ги огромните компјутерски симулации на космосот, новото истражување покажало дека додавањето на темна енергија, до неколку стотици пати повеќе од количеството забележано во нашиот Универзум, всушност би имало мало влијание врз формирањето на ѕвезди и планети. Ова му овозможува на животот да се развие низ широк спектар на други универзуми, ако истите постојат, велат истражувачите. 

Симулација на структура на универзум без космолошка константа/темна енергија (лево), универзум со 10 пати повеќе темна енергија од нашиот (средина) и универзум со 100 пати повеќе темна енергија од нашиот. Симулацијата ги покажува првите 14 милијарди години. Заслуги: Jaime Salcido/EAGLE

Наодите треба да бидат објавени во два поврзани документи во списанието Monthly Notices of the Royal Astronomical Society. Симулациите беа создадени во рамките на проектот EAGLE (Evolution and Assembly of GaLaxies and their Environments) – една од најреалистичните симулации на набљудуваниот Универзум.

Џејми Салсидо, студент на постдипломски студии на Институтот за Компјутерска Космологија на Универзитетот Дурхам, вели: „За многу физичари, необјаснетото, но навидум посебно количество на темна енергија во нашиот Универзум е фрустрирачка загатка.“

„Нашите симулации покажуваат дека дури и во Универзумот да имало многу поголема количина на темна енергија, па дури и многу помала, тоа би имало минимален ефект врз формирањето на ѕвезди и планети, зголемувајќи ја можноста за постоење на животот во Мултиверзумот“.

Д-р Лук Барнс, научен соработник од Универзитетот на Западен Сиднеј, вели: „Претходно се мислеше дека Мултиверзумот го објаснува набљудуваното количество на темната енергија како лотарија – ние го имаме добитниот билет и живееме во Универзумот што создава прекрасни галаксии во кои може да постои живот.“

„Нашето истражување покажува дека нашиот билет можеби е и пресреќен, така да се каже. Нашиот Универзум е попогоден од она што е потребно за живот. Ова е проблем на Мултиверзумот; загатката останува“.

Симулација на формирање на група галаксии во универзум во експанзија без космолошка константа (лево) и многу висок константа (десно). Посветли бои претставуваат поголема густина. Симулацијата покажува 15 милијарди години. Заслуги: Luke A. Barnes, Pascal J. Elahi, Jaime Salcido, Richard G. Bower, Geraint F. Lewis/EAGLE

Д-р Паскал Елахи, научен соработник на Универзитетот на Западна Австралија, вели: „Се запрашавме кое количество на темна енергија го прави постоењето на живот невозможно? Нашите симулации покажаа дека забрзаното ширење, предизвикано од темната енергија, едвај влијае на раѓањето на ѕвезди, па оттука и на постоењето на места погодни за живот. Дури и зголемување на количеството на темната енергија многу стотици пати, веројатно, не би било доволно за да резултира во мртов универзум.“

Истражувачите велат дека нивните резултати се неочекувани и би можеле да бидат проблематични бидејќи фрлаат сомнеж врз способноста на теоријата на Мултиверзумот да го објасни набљудуваното количество на темната енергија.

Според истражувањето, ако живееме во мултиверзум, би требало да набљудуваме много повеќе темна енергија отколку што покажуваат мерењата – можеби 50 пати повеќе отколку што набњудуваме во нашиот Универзум. Иако резултатите не ја исклучуваат теоријата на Мултиверзумот, се чини дека малата количина на темна енергија во нашиот Универзум ќе биде подобро објаснета со некој, се уште, неоткриен закон на природата.

Професорот Ричард Бауер, во Институтот за компјутерска космологија на Универзитетот Дурам, вели: „Формирањето ѕвезди во универзумот е битка помеѓу привлечната сила на гравитацијата и одбивната сила на темната енергија.“

„Во нашите симулации откривме дека и во универзум со многу повеќе темна енергија од нашиот може да се формираат ѕвезди. Тогаш, зошто има толку мала количина на темна енергија во нашиот Универзум?“

„Мислам дека треба да бараме нов физички закон кој ќе ја објасни оваа чудна карактеристика на нашиот Универзум, а теоријата на мултиверзум прави малку за да ги спаси физичарите од маките“.

Превод: Бојана Стефановска

Извор: Phys

Сподели.