Можат ли црвјите дупки да решат голем проблем со црните дупки?

0

Апстрактен футуристички уметнички 3D приказ. Заслуги: PIXELPARTICLE/SHUTTERSTOCK

Научниците од Универзитетот од Валенсија и Универзитетот од Лисабон погледнале подалеку од Општата теорија за релативност со цел да го решат главниот пролем со црните дупки, односно бесконечната сингуларност во нивниот центар.

Црната дупка која тие ја набљудувале е особен примерок кој не постои во природата, бидејќи има електричен полнеж и не ротира околу себе. Според нив, сингуларноста не е точка на бесконечна густина, туку црвја дупка – мост помеѓу две локации во време-просторот.

За да го постигнат ова решение, објавено во „Classical and Quantum Gravity“, научниците ја споредуваат црната дупка со слој на графен или друг кристал, бидејќи нивната геометрија може да биде употребена за претставување на геометријата на време-просторот во внатрешноста на црната дупка, сè до сингуларноста.

„Како што кристалите имаат несовршености (аномалии) во нивната микроскопска структура“, централниот регион на црната дупка може да биде објаснет како време-просторнска аномалија, која бара нови геометриски елементи со цел да може да се објасни подобро,“ вели Гонзало Олмо од универзитетот од Валенсија. „Ние ги разгледавме сите можни опции, инспирирани од фактите набљудувани во природата“

Досега објаснувањето на сингуларноста кај црните дупки се покажало како неверојатно комплицирано, а за да се овозможи целосен опис, потребно е да се искомбинираат релативитетот и квантната механика – но тие теории меѓусебно не се сложуваат.

„Нашата теорија природно решава неколку проблеми со интерпретирањето на наелектризираните црни дупки,“ објаснува Олмо. „Прво се решава проблемот со сингуларноста на тој начин што постои врата, црвја дупка, во центарот на црната дупка низ која време-просторот може да продолжи.“

Во нивната интерпретација, сингуларноста е заменета со црвја дупка чијашто големина е директно пропорционална со електричниот полнеж на црната дупка. Што поголем полнеж, тоа поголема црвја дупка. Теоретски, храбар авантурист би можел да скокне во оваа црна дупка, каде што би бил истегнат од моќните плимски сили (во процес познат како шпагетификација), би минал низ црвјата дупка и повторно би се вратил во Универзумот во една целина.

Ова откритие е интересно бидејќи иако црвјите дупки се предвидени со општата релативност, тие најчесто имаат потреба од некоја егзотична материја за да бидат стабилни.

Електрично наелектризирани црни дупки не се појавуваат во природни услови, но битно е да се истражат нивните својства, особено ако тие водат до решенија како што се стабилните црвји дупки. Меѓу другото, дури и вистинските црни дупки едно време биле сметани за чудни теоретски идеи.

Превод: Бобан Панов

Извор: IFL Science

Сподели.