На растојание од околу 3000 светлосни години од Земјата, во соѕвездието Едро (Vela), ѕвезденото родилиште познато како Гум 15 (Gum 15) претставува дом за бројни млади ѕвезди кои постепено го обликуваат овој намалувачки облак од гас и прашина. Иако на сликата маглината делува мирно и спокојно, таа со тек на времето ќе се претвори во космичка гробница. „Смртоносните“ ѕвезди кои се наоѓаат во неа постепено го предизвикуваат нејзиниот крај.
Гум 15 претставува соодветен пример за HII регион. Овие блескави облаци формираат вчудоневидувачки портрети и форми, како што се познатите Столбови на создавањето (Pillars of Creation) кои се наоѓаат во маглината Орел. HII регионите се препознатливи по големото количество на атоми од јонизиран водород, како и атоми од водород чии електрони биле исфрлени од страна на УВ фотони. Кога јадрото на водородот ќе ги замени своите изгубени електрони, светлината која се ослободува има различни бранови должини, а токму една од овие бранови должини е одговорна за црвеникавиот сјај кој е јасно забележлив на сликата.
Јонизираните фотони се ослободени од младите ѕвезди кои се наоѓаат во маглината, како што е ѕвездата HD 74804 која може да биде забележана близу центарот на прикажаната слика. Оваа група од ѕвезди се нарекува Колиандер 197. Како што може да се забележи, Гум 15 има доста неорганизиран изглед кој се должи на неправилната распределеност на ѕвездите кои припаѓаат овде.
Ваквите ѕвездени родилишта може да произведат илјадници ѕвезди за време на нивното постоење. Токму ѕвездите во внатрешноста го обликуваат изгледот на оваа маглина. Кога помасивните ѕвезди умираат, тие со нив ја уништуваат и самата маглина. Некои од овие ѕвезди се толку масивни што можат да дојдат до степен на експлозија во форма на супернова, после која би останале само младите ѕвезди без никаков траг од самата маглина.
Извор: IFLS
Превод: Бојан Андоновски