Слики од Ултима Тули, објектот од Кaјперовиот појас, ги откриваат почетните фази од историјата на сончевиот систем.
Оваа слика, сликана со Далекудосежниот извиднички апарат (Long-Range Reconnaissance Imager – LORRI) е засега најдеталната слика од Ултима Тули од Нови Хоризонти. Сликана е во 5:01 по универзално време на 1 јануари 2019, само 30 минути пред најголемото доближување од опсег од 28000 километри, со оригинален размер од 140 метри на пиксел. Заслуги: НАСА/Лабораторија за применета физика при универзитетот Џон Хопкинс/Југозападен истражувачки институт
Првата слика во боја од Ултима Тули, која е сликана во 4:08 по универзално време на 1 јануари 2019 на оддалеченост од 137000 километри, ја истакнува нејзината црвенкаста површина. Сликата лево е подобрена слика во боја сликана со Мултиспектралната камера за видливо сликање (Multispectral Visible Imaging Camera – MVIC), произведена со комбинирање на инфрацрвениот, црвениот и синиот канал. Сликата во средина, сликана со Далекудосежниот извиднички апарат (Long-Range Reconnaissance Imager – LORRI) има приближно пет пати поголема просторна резолуција од MVIC. На десната слика, бојата е поставена врз сликата од LORRI за да се покаже рамномерноста на бојата на Ултима и Тули. Забележете ја избледената црвена боја на „вратот“ на објектот. Заслуги: НАСА/Лабораторија за применета физика при универзитетот Џон Хопкинс/Југозападен истражувачки институт
Научниците од мисијата Нови Хоризонти на НАСА ги објавија првите детални слики од најдалечниот истражен објект на сите времиња – објектот од Кајперовиот појас наречен Ултима Тули. Неговиот извонреден изглед, налик на ништо досега видено, ги објаснува процесите кои ги создале планетите пред 4 и пол милијарди години.
Новите слики – сликани од оддалеченост од само 27000 километри – откриваат дека Ултима Тули е „контактен бинарен систем,“ состоејќи се од две поврзани сфери. Овој нов свет е долг 31 километар од крај до крај. Тимот ја нарече поголемата сфера „Ултима“ (со должина од 19 километри) а помалата „Тули“ (со должина од 14 километри).
Тимот вели дека двете сфери најверојатно се споиле во првиот процент од животот на сончевиот систем, судирајќи се побавно од две коли во сообраќајка.
Податоци од новогодишниот прелет ќе продолжат да доаѓаат во неделите и месеците кои следуваат, а се очекуваат слики со многу повисока резолуција.
Превод: Јоаким Јаковлески
Извор: jhuapl.edu