Мисијата Касини се подготвува за големата завршница околу Сатурн

0
Мисијата Касини се подготвува за големата завршница околу Сатурн

Илустрација на Касини над северната хемисфера на Сатурн пред еден од неговите 22 големи завршни нурнувања. Заслуги: NASA/JPL-Caltech

Леталото Касини, на НАСА, кое е во орбитата на Сатурн од 2004-та година, влегува во завршната фаза од оваа прекрасна приказна. На 26-ти април леталото ќе го направи првото од серијата нурнувања, низ процеп помеѓу Сатурн и неговите прстени широк 2400 километри, како дел од големото финале на оваа мисија.

„Ниту едно летало претходно не стигнало до уникатниот регион каде што имаме намера храбро да поминеме 22 пати,“ изјави Томас Зурбех, помошник администратор во Science Mission Directorate, НАСА во Вашингтон. „Она што го учиме од конечното орбитирање на Касини ќе го подобри нашето разбирање на тоа како џиновските планети и планетарни системи се создаваат и еволуираат. Ова ќе биде вистинско откривање на самиот крај.“

За време на престојот на Сатурн, Касини направи бројни впечатливи откритија, вклучувајќи го глобалниот океан кој покажа индикации за хидротермална активност во внатрешноста на замрзнатата месечина Енцелад, и мориња од течен метан на Титан.

Сега, 20 години по лансирањето од Земјата, и после 13 години орбитирање околу прстенестата планета, Касини е во криза со гориво. Во 2010 година НАСА одлучи да ја заокружи мисијата со намерно нурнување во Сатурн оваа година со цел да ги зачува и заштити месечините на Сатурн за натамошно истражување – посебно потенцијално населивата Енцелад. Но, почетокот на крајот за Касини претставува целосно нова мисија, на многу начини. Користејќи ја екпертизата на Касини стекната низ изминатите години, неговите инженери дизајнираа план за лет кој ќе ја максимизира научната вредност на испраќањето на леталото во неговото нурнување во планетата. Како што ќе ги снима крајните орбитирања во текот на наредните пет месеци, мисијата ќе оствари импресивна листа од научни достигнувања.

„Овој заклучок за патувањето на Касини беше далеку од омилениот избор на научниците на оваа мисија“ изјави Линда Спилкер, научник на проектот Касини во NASA’s Jet Propulsion Laboratory во Пасадина, Калифорнија. „Касини ќе направи дел од неговите најнеобични набљудувања на крајот од неговиот долг живот“. Тимот на мисијата се надева да стекне значајни увиди во внатрешната структура на планетата и потеклото на прстените, да се здобие со привиот примерок од атмосферата на Сатурн и со честички коишто доаѓаат од главните прстени, и да ги долови најблиските погледи кон Сатурновите облаци и внатрешни прстени.  Тимот моменално ги прави завршните проверки на листата команди која сондата ќе ја следи за да ги изврши научните опсервации, наречена секвенца. Оваа секвенца ќе биде испратена до леталото на 11-ти април.

Касини ќе ја помине големата завршна фаза, со финален лет во близина на огромната месечина на Сатурн, Титан, закажана за 22-ри април. Притоа, Титан со својата гравитација ќе ја искриви патеката на движење на леталото. Орбитата на Касини ќе се стесни, па наместо да го направи најблиското доближување до Сатурн, ќе почне да се движи помеѓу планетата и внатрешниот раб на нејзините прстени.

„Базирано на нашите најдобри модели, очекуваме процепот да биде исчистен од честички доволно големи да го оштетат леталото. Но, во исто време сме внимателни користејќи ја нашата голема антена како штит при првото поминување, додека не утврдиме дали е безбедно да ги изложиме научните инстументи на таа околина при следните поминувања.“ изјави Ерл Мајз, проектен менаџер на Касини при JPL. „Се разбира дека постојат работи кои не ги знаеме, но тоа е една од причините поради кои го спроведуваме ова истражување на крајот од мисијата.“

Во средината на септември, следејќи ја средбата со Титан, орбитата на леталото ќе биде искривена, па тоа ќе се нурне во планетата. Кога Касини ќе го направи конечното нурнување во атмосферата на Сатурн на 15-ти септември, ќе испраќа податоци од неколку инструменти (податоци за составот на атмосферата) додека сигналот не се изгуби.

„Големото финале на Касини е нешто повеќе од неговото нурнување“ изјавил Спилкер. „Тоа е конечен возбудлив дел за нашето смело летало, и толку научно богат што беше јасен и очигледен изборот за начинот на кој ќе се заврши мисијата.“

Превод: Александра Бошкова

Извор: IFL Science

Сподели.