Мисија на НАСА ја открива брзината со која Марс ја губи својата атмосфера поради сончевиот ветер

0
брзината со која Марс ја губи својата атмосфера

Уметичка претстава на Сончева бура која удира во Марс и одзема јони од горната атмосфера на планетата. Заслуга: NASA/GSFC

Мисијата MAVEN на NASA идентификуваше процес кој се чини има клучна улога во промената на климата на Марс од раната млака и влажна средина што можеби поддржувала живот на површината, до сегашната – ладна и сува.

Податоците од MAVEN овозможиле да биде одредена стапката со која атмосферата на Марс губи гас поради влијанието на Сончевиот ветер. Податоците откриваат дека ерозијата на атмосферата се зголемува за време на сончеви бури. Марс се чини дека имал дебела атмосфера, доволно топла да поддржи течна вода на површината што е клучна состојка за живот каков што знаеме. Важно е да разбереме што се случило со атмосферата на Марс за да ни помогне во откривање на динамиката и еволуцијата на било која планетарна атмосфера. Дознавањето што може да влијае во промената на средината, од таква што може да поддржува микробен живот, до таква што не може е клучно прашање што ќе биде од интерес во патувањето на НАСА до Марс.

Мерењата покажуваат дека соларниот ветер секоја секунда оддувува 100 грама гас. Забележано е дека атмосферската ерозија значително се зголемува при Сончеви бури, така што се смета дека оваа стапка била многу повисока пред милијарди години кога Сонцето било младо и поактивно. Загубата на атмосферата на Марс е веројатно главниот процес во промената на Марсовската клима.

Сончевиот ветер е проток од честички, главно протони и електрони, кои се излеваат од Сончевата атмосфера со брзина од околу еден милион милји на час. Магнетното поле на Сончевиот ветер може да генерира електрично поле при поминувањето околу Марс. Ова електрично поле ги забрзува наелектризираните атоми на гасот, наречени јони, од горната атмосфера на Марс и ги исфрла во Вселената.

MAVEN испитувал како Сончевиот ветер и ултравиолетовата светлина „го соблекуваат“ гасот од горните слоеви на атмосферата. Новите резултати укажуваат дека загубата се искусува на три региони од Црвената Планета: долж „опашката“, каде соларниот ветер протекува зад Марс, над половите на Марс, и од облакот од гас околу Марс.

[Видео 1: Креирано со употреба на податоци од MAVEN мисијата, оваа визуелизација покажува како Сончевиот ветер ги оттрга јоните од горната атмосфера на Марс во Вселената. Заслуга: NASA-GSFC/CU Boulder LASP/University of Iowa]

Антички региони на Марс покажуваат знаци на изобилие од вода – како карактеристики кои наликуваат на долини пресечени од реки и минерални наноси кои може да се формираат само во присуство на течна вода. Овие карактеристики ги навеле научниците да мислат дека пред милијарди години атмосферата на Марс била многу погуста и доволно топла за да издржи формирање на реки, езера па дури и океани од течна вода.

Неодамна, научниците открија сезонско појавување на хидрирани соли кои укажуваат на постоење на солена течна вода на Марс. Но, сегашната атмосфера на Марс е многу ладна и тенка за да поддржи долготрајни и големи количини на течна вода на површината на планетата.

Покрај губењето на атмосферата на Марс како последица на Сончевиот ветер, MAVEN истражува и други процеси, како загуба поради судири на јони или намалување на бројот на атоми на водород. Целта на оваа мисија е да одреди колкав дел од атмосферата и водата на оваа планета била изгубена во вселената. Ова е прва мисија посветена на разбирање како Сонцето влијаело врз атмосферските промени на Црвената Планета. Мисијата е во функција нешто повеќе од една година и ќе ја заврши својата примарна научна цел на 16-ти ноември.

Превод: Биљана Велинова

Извор: НАСА

Сподели.