Две веќе постари мисии на НАСА ни носат нови детали за ледените океански месечини на Јупитер и Сатурн, зголемувајки го веќе постоечкиот голем интерес за овие светови. Откритијата се објавени од страна на научниците кои се дел од мисијата Касини на НАСА и Вселенскиот телескоп Хабл. Тимот од Касини известува за вид на хемиска енергија која може да се користи од страна на живи организми на Енцелад, додека тимот на Хабл презентира нови докази за млазови вода на површината на сателитот на Јуптер – Европа. Томас Зурбучен, соработник администратор на Директоратот на НАСА за научни мисии во Вашингтон, вели дека ова е одличен пример за поврзаноста и соработката меѓу различните мисии на НАСА, што нè носи најблиску досега во потрагата за откривање на состојките потребни за живот на други небесни тела.
Хемиската енергија за која зборува тимот на Касини е всушност водороден гас кој е ослободен од страна на хидротермалната активност на самото дно на океанот во потповршинските океани на Енцелад. Присуството на водород значи дека микробите на Енцелад, доколку ги има, истиот би можеле да го комбинираат со јаглеродниот диоксид во водата за да добијат органски молекули и енергија. Оваа реакција, позната како метаногенеза поради производството на метан како продукт, е основата на дрвото на животот на Земјата и можеби е критична за појавата на живот на нашата планета.
Животот каков што го знаеме (на Земјата) бара три состојки за постоење: течна вода, извор на енергија за метаболизам и хемиските состојки – јаглерод, водород, азот, кислород, фосфор и сулфур. Касини ни има покажано дека Енцелад, малата ледена месечина сместена на милијарди километри поголемо растојание од Сонцето отколку Земјата – ги има скоро сите овие состојки за населивост. Касини сè уште не ни има дадено инфомации за присуството на сулфур и фосфор во океаните, и покрај сомнежите за нивно присуство, заради претпоставената сличност меѓу јадрата на Енцелад и метеорите кои ги содржат овие елементи.
Касини детектираше водород во млазот на гас и леден материјал за време на своето последно и најдлабоко нурнување во млазот на 28.10.2015. Касини исто така зеде и примероци од составот на млазовите и во предходните летови на мисијата. Од сите овие набљудувања заедно, заклучено е дека 98% од гасот во млазот е вода, додека 1% е водород, а остатокот е мешавина од молекули на јаглерод диоксид, метан и амонијак. Мерењата на Касини се изведени со јонски и неутрален масен спектрометар (INMS). Инструментот оригинално бил создаден за истражување на горните делови од атмосферата на Титан (најголемиот природен сателит на Сатурн) но, по откритието на огромен млаз од мраз во 2005-та од јужниот пол на Енцелад детекторите веднаш биле свртени кон oвие млазеви, за чиешто постоење тимот не знаел пред мисијата.
Овие нови откритија се додатен независен доказ на веќе постоечките, кои укажуваат на постоење на интеракции помеѓу врелата вода и почвата под морето, од кои се добива водородниот гас.
Трудот објавен во „Писма на Астрофизичкото списание“ во Издаваштвото на Институтот за физика во САД, а кој се однесува на откритијата на Вселенскиот телескоп Хабл, зборува за набљудувања на Европа (природен сателит на Јупитер) од 2016, во кои најверојатно е забележан млаз од материјал на истото место на површината каде што Хабл виде докази за млаз во 2014-та. Овие слики ги зајакнуваат доказите дека млазовите на Европа се вистински постоечки феномен во овој регион на површината.
И двете набљудувања се направени во регион со невообичаено повисоки температури, којшто содржи пукнатини во ледената кора на месечината видени во доцните 90-ти од страна на вселенското летало Галилео на НАСА. Исто како и кај Енцелад, ова може да е доказ за вода која еруптира од внатрешноста на сателитот. Зголемените температури може да се должат на директно загревање од страна на подземната вода, или пак задржувањето на водата на површината како магла која овозможува поголема задршка на топлина за разлика од околниот регион. Набљудувањата се направени со Хабловиот спектрограф (STIS) кој ги гледа млазевите во UV спектарот. Самите атмосферски структури се забележуваат со тоа што ја блокираат светлината на Јупитер на рабовите на силуетата на сателитот кога минува пред Јупитер.
Идните истражувања на овие океани се овозможени со набљудувањата на Хабл и Касини кои ги поставуваат темелите за новата мисија на НАСА за Европа, Europa Clipper, која се планира да започне со лансирање закажано во 2020-тите.
Превод: Максим Осман-Николов
Извор: Phys