Месинџер (Messenger), првото летало кое орбитираше околу највнатрешната планета во нашиот систем, полека останува без гориво и е на неколку денови од неизбежниот крај на неговото постоење. Тој ќе се сруши во Меркур со неверојатна брзина од 14.080 километри на час. За време на последните неколку месеци НАСА направи неколку маневри кои на леталото му овозможија да биде во орбита поблиска до површината на Меркур отколку онаа на авионите кога прелетуваат над Земјата. Со овие добро испланирани последни чекори, Месинџер ни открива дека овој свет не е комплетно замрен.
Може да се забележат појави на мраз во сенките од кратерите, линеарни формации креирани со собирањето на планетата, изоблилство на чудни вдлабнатини кои оставаат траги насекаде по површината.
Овие појави беа изненадување за научниците бидејќи се сметаше дека Меркур е веќе замрена планета, без речиси никакви промени по нејзината површина. А овие вдлабнатини се чини дека се помлади дури и од најновите кратери создадени од удари. Сознанијата откриваат дека Меркур е планета која сè уште еволуира и се претпоставува дека вдлабнатините се должат на нешто кое сублимира во карпите, појава која се случува кога супстанца преоѓа од мраз во гас, прескокнувајќи ја течната агрегатна состојба.
Кога Месинџер пристигна кај Меркур во 2011 година, поголемиот дел од планетата беше мистерија бидејќи леталото направи снимки од помалку од половина од неговата површина. Сега, по четири години и 4.000 орбити, научниците ја мапираа целата површина и собраа повеќе од четвртина милион снимки.
Преку рентген и гама-зраците се дозна и геохемиската мапа на површината, откривајќи дел од историјата на ударите и вулканите. Инструментите на Месинџер го набљудуваа и магнетното поле на планетата, кое се зголемува и намалува сезонски како реакција на активноста на Сонцето. Друго огромно изненадување е и покрај тоа што температурата на Меркур изнесува 425°C, под кратерските сенки веројатко се кријат еден милион тони мраз.
Доколку сакате да ја погледнете целата галерија: MESSENGER website.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: Astronomy Magazine