Марсовско стакло: Можен поглед кон минат живот?

0
Марсовско стакло: Можен поглед кон минат живот?

Истражувачите пронашле депозити од стакло кое се формира при удар, зачувано во кратерите на Марс како што се Алга (Alga, горе), со користење на CRISM. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/JHUAPL/University of Arizona

Истражувачи од Универзитетот Браун користеле сателитски информации за да откријат депозити од стакло во ударните кратери на Марс. Иако е формирано во пеколните жештини при силен удар, стаклото би можело да обезбеди деликатен поглед кон можен минат живот на Црвената планета.

Во текот на последните неколку години, неколку истражувачки групи покажале дека на Земјата, антички знаци за живот можат да се зачуваат во стакло формирано при вакви судари. Едно вакво истражување, водено од геологот од Браун, Петар Шулц, кое било објавено минатата година, пронашло органски молекули, па дури и растителна материја. Тие биле зачувани во стакло кое било формирано при ваков судар, кој се случил пред милиони години близу Аргентина. Шулц смета дека слични процеси би можеле да зачуваат знаци на живот на Марс, ако бил присутен за време на сударот.

„Работата извршена од Петар и други ни покажа дека стаклото е потенцијало важно за зачувување на знаци за живот. Знаејќи го тоа, ние сакавме да одиме и да ги побараме нив на Марс и токму тоа направивме,“ вели Кевин Канон, докторант во Браун и главен автор на новото истражување. „Пред овој труд никој не бил во можност дефинитивно да ги открие на површината.“

Канон и ко-авторот Џек Мастард, професор по Земјини и планетарни науки на Браун, покажале дека има големи депозити од стакло во неколку антички, но сепак добро сочувани кратери на површината на Марс. Студијата покажува дека стаклени депозити се релативно чести карактеристики при судир на Марс и би можеле да бидат цели за идните истражувања.

Истражувањето е објавено онлајн во списанието „Геологија“.

Кратер на површината на Марс кој содржи стаклен депозит. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/Arizona State University

Детектирањето на стаклените депозити не било лесно. За да ги идентификуваат минералите и видовите на карпи оддалеку, научниците го мерат спектарот на светлината која е рефлектирана од површината на Марс. Но стаклото кое се создава при удар нема многу силен спектрален сигнал.

„Стаклото има тенденција да биде спектрално бледо или слабо експресивно, што доведува до тоа карактеристиките на стаклото да бидат прикриени од страна на деловите од карпи кои се помешани со стаклото,“ вели Мастард. „Но, Кевин пронајде начин како да се изолираат тие сигнали.“

Во лабораторија, Канон помешал прашоци со сличен состав како карпите од Марс и ги испекол во печка за да направи стакло. Тој потоа го измерил спектралниот сигнал од стаклото. Откако го добил сигналот од лабораториското стакло, тој искористил алгоритам за да ги спореди резултатите со податоци добиени од CRISM (Compact Reconnaissance Imaging Spectrometer for Mars) кој е спектрометар сместен на орбитер околу Марс.

Со оваа техника тие успеале да пронајдат депозити околу неколку централно кратерски врвови, кои често се формираат во центарот на кратери од големи судари. Фактот дека депозитите биле откриени на централни врвови укажува на тоа дека тие потекнуваат од удар.

Знаејќи дека стаклото кое се создава при удар може да зачува антички знаци за живот и дека вакви депозити денес постојат на површината на Марс отвара нова можна стратегија за потрага по древен живот на Марс.

„Ние мислиме дека овие би можеле да бидат интересни цели за идни истражувања,“ вели Мастард. Всушност, Мастард и Канон имаат интерес за едно определено место.

Еден ваков кратер кое содржи стакло е Харгрејвс (Hargraves), кое се наоѓа близу грабенот Нили Фосае (Nili Fossae), вдлабнатина во Марсовата површина долга скоро 650 километри. Овој регион е еден од водечките кандидати за место на слетување за мисијата до Марс закажана за 2020-та година, мисија која ќе има цел да земе примероци од почва и карпи за можно идно враќање на Земјата.

Нили Фасае веќе е од научен интерес, бидејќи се претпоставува дека кората од регионот датира од времето кога Марс била планета со течна вода. Регионот е исто така полн со карактеристики кои наликуваат на древни хидротермали фрактури, кои се топли вентили кои можеле да обезбедат енергија за живот под површината.

„Ако имало судар на објект кој се закопал и ако би зеле примерок од подземната средина, можно е дел од примерокот да е зачуван во стаклена компонента,“ вели Мастард. „Поради ова местото е привлечно за истражување, а можеби и да се врати примерок.“

Превод: Денис Рајхл

Извор: Phys

Сподели.