Уште од 13ти септември, Марс Експрес на Европската Вселенска Агенција го набљудува издолжениот облак кој лебди покрај 20 километри високиот вулкан Арсиа Монс блиску екваторот на планетата.
Без разлика на неговата локација, оваа појава не е поврзана со вулканска активност, туку се работи за облак од заледена вода, уште наречен и орографски облак кој настанува при постоење на пречки во струењето на воздухот.
Облакот е фотографиран од страна на камера на Марс Експрес која го фотографираше стотина пати изминативе неколку недели додека тој се издолжуваше 1500 километри, западно од вулканот. За споредба, вулканот има дијаметар од само 250 километри.
На 16ти октомври, на северната хемисфера на Марс се случи зимскиот солстициј (краткоденица). Во месеците пред солстицијот, најголем дел од облаците ги нема над големите вулкани како што е Арсиа Монс; врвовите се прекриени со облаци во останатиот дел од годината.
Како и да е, периодичен облак како овој подолу на сликата и се создава блиску југозападниот дел на вулканот претходно е забележан од Марс Експрес и други мисии во 2009, 2012 и 2015 година.
Изгледот на облакот варира во текот на целиот ден таму, издолжувајќи се во текот на утрото станувајќи паралелен со екваторот и достигнувајќи импресивна големина што го прави видлив и за телескопите на Земјата.
Формирањето на облаци зависи и од количината на прашина во атмосферата. Сликите што се добиени после големата бура од прашина што ја зафати целата планета во јуни и јули ќе дадат важни информации за ефектот на прашината во формирање на облаците и нивното варирање во текот на годината.
Издолжениот облак што лебди блиску Арсиа Монс оваа година беше набљудуван и од спектрометар, ОМЕГА и од камерата со висока резолуција на Марс Експрес обезбедувајќи им на научниците најразлични податоци за проучување на овој феномен.
Превод: Христина Милошевска
Извор: esa.int