Изобличени слики на најстарата светлина која може да се детектира, космичката микробранова позадина, им помагаат на астрономите да го мапираат целосното количество на видлива и невидлива материја низ Универзумот. Околу 85 проценти од вкупната материја во Универзумот ѝ припаѓаат на темната материја, невидлива и за најмоќните телескопи, но забележлива преку нејзиното гравитациско привлекување. За да ја пронајдат, астрономите го бараат ефектот наречен гравитациско искривување, што значи дека гравитациското привлекување на темната материја ја искривува и зголемува светлината која потекнува од некој подалечен објект.
Но, тука постои мал проблем: за да се детектира темната материја, мора да постои објект поставен директно зад неа – ова неретко претставува ограничување во потрагата. Затоа, наместо тоа, научниците решиле да ја набљудуваат космичката микробранова позадина – најстарата и најоддалечената светлина која можеме да ја видиме. На неа може да гледаме како на површина која го отсликува целиот Универзум. Нејзините фотони итаат кон Земјата уште од времето кога тој бил само 380 000 години стар.
Нашиот поглед на космичкото позадинско зрачење е малку изобличено – сликата која ја добиваме изгледа како да гледаме во дното на базен полн со вода. Со детектирање на малите изобличувања, астрономите можат да ја истражат темната материја низ целиот Универзум, што претставува голем предизвик. По низа математички пресметки и макотрпни анализи, тие изработуваат мапа на целосната проектирана густина на масата помеѓу нас и космичкото позадинско микробраново зрачење. Понатаму, пролжуваат со мерење на искривувањето на космичката микробранова позадина кај квазарите – моќни супермасивни црни дупки во центрите на најраните галаксии. На крајот, мапата на космичкото позадинско микробраново зрачење е искористена за да се утврди масата на овие ореоли од темна материја, а резултатите се совпаднале со низа претходни истражувања кои воопшто не ја зеле предвид космичката микробранова позадина. Во науката, совпаѓањето помеѓу две независни мерења е моќна научна алатка, која во овој случај покажува дека имаме многу развиени знаења за тоа како супермасивните црни дупки се сместени во објекти со големи размери, како и дека (повторно) Ајнштајн бил во право.
Извор: Universe Today
Превод: Марина Димовска