„Лулка на животот“ на Марс можеби ќе го открие потеклото на животот на Земјата

0

Откриен е предел на Марс, кој изгледа како дното на древно море кое можеби некогаш било слично како оние на раната Земја. Ова откритие би можело да ни овозможи да ги разбереме почетоците на животот на нашата планета.

Истражувањето на овој регион е извршено со помош на MRO (Mars Reconnaissance Orbiter) – Марсовиот извиднички орбитер на НАСА, кој се наоѓа во орбита околу Марс. Објавено уште во јули минатата година, ова истражување остана генерално незабележано од јавноста досега. Водени од Џозеф Мицалски од универзитетот во Хонг Конг, истражувачите го посветиле своето внимание на големите депозити во басенот Ериданија на јужната полутопка на Марс. Депозитите, навидум формирани од загреана вода која е резултат на вулканска активност од пред 3,7 милијарди години, најверојатно настанале близу хидротермални отвори на дното на морето. Самото море, кое сега не постои, се претпоставува дека било од 500 до 1500 метри длабоко со десетпати повеќе вода од Американските Големи езера. Со волумен од 210,000 кубни километри, тоа било поголемо и од Каспиското море, како и од сите други езера на Марс заедно.

„Лулка на животот“ на Марс можеби ќе го открие потеклото на животот на Земјата

Древното морско тло на Ериданија. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/MSSS

Највозбудливото нешто сепак се комбинираните докази за постоење на вода и вулканска активност во форма на хидротермални отвори. Поради нивната претпоставена улога во потеклото на животот на Земјата, тие имаат огромна важност, особено поради тоа што активноста на Земјината кора ги има избришано повеќето докази за нив. За разлика од Земјата, Марс не е геолошки активен и неговата рана кора сè уште е изложена непроменета на површината.

„Лулка на животот“ на Марс можеби ќе го открие потеклото на животот на Земјата

Местото каде некогаш би се наоѓало морето. Заслуги: NASA

„Дури и никогаш да не најдеме живот на Марс, оваа локација може да ни ги открие условите во кои животот можеби започнал на Земјата. Вулканската активност и стоечката вода заедно создаваат услови кои најверојатно се слични на условите кои постоеле на Земјата во истиот период кога животот се развивал кај нас,“ вели Пол Најлс, еден од коавторите на студијата од Вселенскиот центар Џонсон на НАСА.

„Лулка на животот“ на Марс можеби ќе го открие потеклото на животот на Земјата

Дијаграм кој го прикажува создавањето на депозитите во басенот Ериданија. Заслуги: NASA

Минералите во овие депозити, меѓу кои се серпентинит, талк и карбонати, се конзистентни со хидротермалните таложења на океанскиот под. Течението на лавата овде исто така се случило по исчезнувањето на морето. Овој регион е еден од неколкуте на Марс за кои се мисли дека содржеле вода, а можеби и живот.

Според тимот, истражувањето на Ериданија не е само од интерес за истражувањето на Марс, туку самото исто така претставува прозорец за увид во раната Земја.

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: IFL Science

Сподели.