Приказните за заговорот на НАСА поврзани за летовите на луѓето на Месечината, кои ги лансирале Роберт Мајерс и Роберт Перлман, и денес се актуелни, иако немаат никаква научна основа.
Доколку некој би реагирал за „измамата на векот,“ тоа би биле Русите, кои за Месечината мечтаеле исто колку и Американците, а кои вложиле милијарди долари во сопствената програма за спуштање на Месечината. Неодамна, дури двајцата космонаути – Виктор Горбатко и Павел Воноградов, реагирале во одбрана на Американците.
Русите, на пример, само неколку дена пред историското спуштање на Месечината на астронаутите на Аполо 11, на орбитата околу Месечината го поставиле леталото Луна 15, чија задача била да се спушти на Месечината пред Американците и да однесе примероци на Земјата од нејзината површина. Обидот пропаднал, но тогаш загрижените Американци ги замолиле Русите да ги објават фреквенциите кои ги користат во контакт со леталото, за да можат непречено да комуницираат во текот на првото спуштање на луѓе на Месечината. Рускиот астроном Виноградов тврди дека Американците биле на Месечината, а тие кои се сомневаат во тоа, слабо ги познаваат законите на физиката. Тие таму биле шестпати, од Месечината донеле 395 килограми примероци, кои и сега се анализираат во лабораториите, каде и самиот руски астроном имал можност да држи еден примерок од Месечината во своите раце.
За да „докажат“ фалсификување за спуштањето на луѓе на Месечината, се наведуваат 10 наводни докази за сметка на НАСА:
Знамето се виори на Месечината на која нема ветер
Знамето, кое астронаутите го ставиле на Месечината, намерно го згужвале при пакувањето на Земјата, за да остават впечаток на виорење. Исто така, низ горниот дел на знамето поминува пластична шипка која од горната страна го затегнува знамето, додека долниот дел останува слободно да виси изложен од влијанието на гравитациското поле на Месечината. Сетоа тоа дава впечаток на виорење на знамето.
Влијанието на Ван Аленовите радијациски појаси е такво што астронаутите при поминувањето низ појасите, не би можеле да преживеат
Ван Аленовите појаси настануваат поради дејствата на магнетните полиња. Тие ја штитат нашата планета од опасни радијации на Сонцето, така што ја „собираат“ и од неа формираат своевидни појаси, кои се околу Земјата. Во текот на летот кон Месечината, леталата Аполо ги пресекувале Ван Аленовите појаси. Просечното време на поминување низ појасите изнесувало 4 часа, а нивоата на радијација на кои астронаутите биле изложени далеку било под критичното ниво и одговарало на количината на медицинското X-зрачење во амбулантите. Под појасите, во близина на Месечината, нивото на радијација е далеку помало и станува проблем само ако астронаутите со години се наоѓаат во таква средина.
Различните агли на сенките на Месечината се доказ дека се користени неколку извори на светлина, како на пример, студиските рефлектори
Во текот на програмата на Аполо, се направени преку 32.000 фотографии. Во неодамна објавената книга „Полна Месечина,“ се објавени повеќе од 900 висококвалитетни фотографии, кои ја покажуваат секоја значајна етапа од една типична мисија на човековиот лет на Месечината. Авторот на овие редови пронашол само една фотографија на која сенките од два камени биле под различни агли. Сите 12 астронаути биле на Месечината за време на Месечевите утра, кога Сонцето било ниско на хоризонтот, при што аглите на сенките и нивните должини биле различни. Тоа е особено изразено на фотографиите на астронаутите на Аполо 15, кои ја истражувале планинската област, каде степенот на рефлексија на Сончевите зраци била силна, па различните агли на сенките биле поизразени. Ваквите услови се слични на оние кои можат да се видат на Земјата на поле прекриено со снег, додека ниско над хоризонтот е полната Месечина. Контурите на површината тогаш создаваат сенки од различни агли и должини.
Поради високите температури на Месечината, филмот во камерата би се стопил
Доколку е ова вистина, како да се објаснат илјадниците фотографии направени во текот на работата на космонаутите и астронаутите во отворената Вселена, почнувајќи од историските вселенски прошетки од 1965 година снимени со помош на камери кои биле инсталирани на надворешната површина на вселенските летала? Исто така, самите астронаути и космонаути носеле со себе камери, кои на страната свртени кон Сонцето, се изложени на температури од над 1.500 степени, додека страната на камерата во сенка е на -1.400 степени. Филмовите користени на Месечината и во текот на секоја вселенска прошетка во отворената Вселена, никогаш директно не биле изложени на Сонцето. Тие се наоѓале во посебни заштитни канистри и како такви се ставале во камерите, а по завршувањето на користењето тие се вадени од нив.
За да може стапалото да остави отпечаток на површината, потребно е таа да биде влажна, додека на Месечината нема вода
Тоа не е правило, затоа што Месечевата прашина се таложела на површината низ милиони години. Во најраната фаза од постоењето на Месечината, тоа било последица на дамнешните вулкански активности, а потоа и од непрекинатото дејство на метеорити, особено од метеорската прашина. Таа е составена од најфини честици, така што има форма на густа, компактна прашина, во која отпечатоците лесно оставаат траги.
Низ Вселената со голема брзина патуваат микрометеорити, кои можат да ја пробијат капсулата или скафандерот и да го убијат астронаутот
Ова не е проблем само за летовите на Месечината. Уште од 1965 година, кога Леонов прв излегол во отворената Вселена, околу 150 луѓе работеле вон безбедните кабини на вселенските бродови. Некои од нив поминувале часови таму (рекордот е речиси 9 часа). Точно е тоа дека Вселената е исполнета и со мали честички, кои се движат со огромни брзини. Некои од нив достигнуваат и дури 200.000 км/ч.
Но, димензиите на Вслената се такви што густината на ваквите честици се многу мали. Конечно, Аполо имал многу мали димензии, во однос на, да речеме, Меѓународната Вселенска Станица, која кружи околу Земјата и надвор од неа привремено излегуваат космонаутите и астронаутите. Никој од нив досега не настрадал поради дејствата на микрометеоритите, иако нивните удари се регистрирани. Во еден прозор на руската орбитална станица “Мир”, на пример, еден микрометеорит направил мал кратер. Ова е проблем, со кој науката со децении сериозно се занимава.
Зошто нема кратери и покрај работата на ракетниот мотор на модулот на Месечината?
Под само 10-тина сантиметри прашина, на Месечината се наоѓа многу цврста камена обвивка, низ која е многу тешко да се продре за да се формира кратер. Тоа им успеало на само неколку метеори, кои со големи брзини, без успорувања (на Месечината не постои атмосфера) ја бомбардирале нејзината површина. Тоа е процес кој трае и сега. Низ камената обвивка на Месечината, астронаутите имале многу проблеми да продрат дури и со многу посебни титаниумски бургии. Во текот на спуштањето, покрај работата на ракетниот мотор на слетувачкиот модул на Месечината, облакот од прашина ја достигнал висината на самиот модул. Така, астронаутите на Аполо 14, на пример, слетале на слепо, бидејќи од облакот од прашина не можеле да ја видат површината. Прашината тогаш полека се намалила, но голата површина под модулот се забележала на фотографиите на астронаутите.
Кој го снимил полетувањето на модулот со астронаути од Месечината?
Едвард Финдел (Edward Fendell) седел во Хјустон, во контролата на лет, и управувал далечински со командите на камерата, која била монтирана на џипот кој се наоѓал на површината на Месечината. Полетувањето на лунарниот модул е снимено во само три последователни мисии Аполо на Месечината, кога астронаутите на Аполо 15, 16 и 17 користеле Месечеви џипови, за да истражуваат подалечни области. Пред враќањето во кабината на модулот, тие го паркирале џипот на безбедно растојание од него: На џипот е оставена камерата, од каде далечински со неа управувал Финдел од Хјустон.
Месечевиот џип е толку голем, што не може да биде „спакуван“ покрај телото на лунарниот модул
Месечевиот џип (Lunar Rover) е користен во текот на последните спуштања на Месечината. Со негова помош, астронаутите од Аполо 15 и 16 поминале по 27 километри, додека астронаутите на Аполо 17 (последната мисија на Месечината), поминале повеќе од 35 километри. Кога е расклопен, џипот имал должина од 3,1 метри , широчина 2,1 метри, додека висината му била 1,1 метар. Џипот бил направен од лесни материјали, така што масата на самиот џип, верувале иле не, била само 725 килограми. Тој бил проектиран да може да се склопи во вид на голема кутија, која во текот на летот кон Месечината ќе биде крај страничната страна на долниот степен на лунарниот модул. Четирите тркала, двете седишта и параболната антена со дијаметар околу 1 метар, се склопени крај телото на роверот. По слетувањето на Месечината, астронаутите прво ги расклопиле тркалата, а потоа со помош на сајли го спуштиле прво задниот, а потоа предниот дел на роверот.
Зошто нема ѕвезди на фотографиите од Месечината?
Ова прашање, всушност треба да гласи: „Зошто нема ѕвезди на нашето небо кога е ден, или зошто нема ѕвезди на фотографиите, направени на пример, од вселенските летала во текот на нивните кружења околу Земјата или над нејзината осветлена страна?
Астронаутите секогаш биле на Месечината во текот на нејзиниот ден, каде Сонцето немилосрдно сјае. Бидејќи нема атмосфера, вода и растителна обвивка, степенот на означеност и рефлексија е поголем отколку кај Земјата, така што најголемиот број на ѕвезди едноставно не се гледаат. Со голем труд, астронаутите успевале во текот на нивните прошетки на Месечината, да забележат само најсјајни ѕвезди, кои биле одвај видливи. На апсолутно црното небо на Месечината, единствено јасно видлива е Земјата, која ја рефлектира Сончевата светлина. Дури и при орбиталните летови, астронаутите имаат можност да извршуваат ѕвездена ориентација на вселенските летала само над неосветленета страна на Земјата, каде ѕвездите јасно се гледаат, бидејќи на дневните страни се видливи само најсјајните ѕвезди.
Едноставно, степенот на осветленост од Сонцето е толку голем што и сега, кога нивото на технологијата е толку усовршено за разлика од порано, ниту најосетливите камери и фотоапарати користени на МВС или на вселенските летала не биле во можност да регистрираат ѕвезди на светлата страна на орбитата околу Земјата. Меѓутоа, кога вселенското летало ќе дојде над другата страна, таа која е во сенка, се отвара „бездна полна со ѕвезди,“ како што Љермонтов ја опишал. Илјадници ѕвезди се појавуваат на небото, а таму каде е нашата планета има огромна црна дупка, на која се гледаат гроздови светлина – градови во ноќта.
Да, луѓето биле на Месечината. Тоа преставува еден од најголемите успеси во историјата на цивилизацијата, успех кој нема асполутно никаква дамка, успех кој обележал една ера – ера на човечки директни истражувања на други небесни тела.
Превод: Петар Ивановски
Извор: Астрономски Магазин