Опсерваториите ЛИГО и Вирго детектираа сигнали од гравитациски бранови од судир на црни дупки

0

Во август оваа година, детектори на два различни континенти снимија сигнали од гравитациски бранови кои потекнуваат од судир на пар од црни дупки. Откритието, објавено пред два дена, е првото набљудување кое обележува ера на поголеми увиди и подобрена локализација на космички настани која е сега достапна преку глобално поврзаните опсерватории на гравитациски бранови. Судирот бил набљудуван на 14-ти август во 10:30:43 според UTC (координирано универзално време), користејќи две ласерски интерферометри, од страна на опсерваторијата за гравитациски бранови ЛИГО (LIGO), сместен во Ливингстон, Луизијана и Ханфорд, Вашингтон, како и детекторот Вирго (Virgo) кој се наоѓа во близина на Пиза, Италија.

Опсерваториите ЛИГО и Вирго детектираа сигнали од гравитациски бранови од судир на црни дупки

Поглед од височина кон опсерваторијата Вирго, на кој се прикажани четирите главни градби. Другите згради вклучуваат канцеларии, работилници, компјутерски простории и контролната соба за интерферометарот. Заслуги: The Virgo collaboration/CCO 1.0

Ова е првата потврдена детекција за детекторот Вирго. Научен труд за настанот, судир именуван како GW170814, е прифатен за објава во списанието Physical Review Letters.

Пред малку повеќе од година и пол, Националната Научна Фондација објави дека ЛИГО ја направи првата детекција на гравитациски бранови која настана од судир на две црни дупки во галаксија оддалечена милијарда светлински години. Партнерството помеѓу Вирго и ЛИГО е возбудувачка точка во научниот напор за отклучување на мистериите на Универзумот.

Детектираните гравитациски бранови, се емитувани при последните моменти на спојување на две црни дупки, една со 31 Сончева маса, а другата со маса 25 пати од таа на Сонцето. Настанот, кој се случил на 1,8 милијарди светлински години од нас, завршил во ротирачка црна дупка со 53 Сончеви маси. Тоа значи дека околу три Сончеви маси се претворени во гравитациско-бранова енергија при соединување.

Опсерваториите ЛИГО и Вирго детектираа сигнали од гравитациски бранови од судир на црни дупки

ЛИГО оперира со детекторите на две локаци: една во близина на Ханфорд, источен Вашингтон, и уште еден, прикажан на оваа фотографија, сместен во близина на Ливингстон, Луизијана. Заслуги: LIGO Collaboration

Ова е само почеток на набљудувањата на мрежата на детекторите Вирго и ЛИГО. Следната тура на набљудувања е планирана за есен 2018-та година. Тогаш ќе може да се очекуваат вакви детекции на неделно ниво, или почесто.

ЛИГО во моментов има детектори на гравитациски бранови кои имаат идентични интерферометри, а кои се сметаат за детектори од втора генерација. Тие се пуштени во употреба во септември 2015-тата, а втората тура (наречена О2) траеше од 30 ноември 2016 до 25 август 2017. Детекторот Вирго, кој исто така е од втора генерација, се придружи на О2 турата од 1-ви август 2017-тата година во 10:00 часот UTC. Детекцијата на 14 август беше потврдена со податоци од сите три детектори.

Опсерваториите ЛИГО и Вирго детектираа сигнали од гравитациски бранови од судир на црни дупки

Поглед кон детекторот ЛИГО во Ханфорд, Вашингтон. Во истражувањето се вклучени повеќе од 1.000 научници од Америка и 14 други земји. Заслуги: LIGO Laboratory

Кога настанот е детектиран од мрежа од три детектори, областа во небото во кој можел да се случи настанот значително се намалува, зголемувајќи ја прецизноста преку раздалеченоста. Небесниот регион за GW170814 има големина од 60 квадратни степени, што е повеќе од десет пати помал од податоците од само двата ЛИГО интерферометри.

Важно е да може да се идентификува помал регион, бидејќи за многу соединувања на компактни објекти, како неутронски ѕвезди, покрај гравитациски бранови, се очекува да создаваат и широкофреквенциски електромагнетни емисии. Прецизноста на информациите овозможи 25 здружени институции да направат дополнителни набљудувања врз основа на ЛИГО-Вирго детекцијата, но не е пронајден друг можен извор на брановите.

Оваа детекција претставува значаен чекор на полето на гравитациски бранови. Вирго носи моќна нова можност за детекција и подобро лоцирање на изворите на гравитациски бранови, нешто што ќе доведе до возбудувачки резултати во иднината.

Превод: Јован Милосковски

Извор: Phys

Сподели.