Ледени рамнини и јаглеводородна магла забележани на Плутон

0

Во последните неколку недели имаме постојан проток на нови информации за Плутон, и за среќа на ентузијастите за оваа џуџеста планета, уште многу ќе доаѓаат. Откритијата продолжуваат со ледените рамнини на Плутон и неговата атмосфера, која може да се види само кога гледаме назад во џуџестата планета, кон Сонцето.

Плутон е прекриен со фасцинантна низа на геолошки карактеристики, и некои од нив укажуваат дека Плутон може има (или пак имал) геолошки динамички карактеристики на неговата површина. Сликите покажуваат дека слој од азотен мраз течел по површината, и можеби сè уште тече. Иако мразот е од азот, а не од вода, има сличности со движењата на глечерите на Земјата.

„Ваква површина имаме забележано само на активни светови како Земјата и Марс,“ вели Џон Спенсер од SwRI (Southwest Research Institute).

„На температура од -235°C, како таа на Плутон, овие мразови може да имаат проток како глечер,“ вели Бил МекКинон од Вашингтон Универзитетот во Св. Луис. „Во најјужниот регион на срцето, во непосредна близина на екваторијалниот регион, се чини дека античкиот терен со многу кратери е окупиран со многу понови ледени слоеви.“

Ледени рамнини и јаглеводородна магла забележани на Плутон

Проток на мраз означен во рамките на „срцето“ на Плутон. Заслуга: НАСА

Можеби мислевте дека забавата заврши кога Нови Хоризонти прелета зад Плутон, но има уште бројни возбудливи откритија понатаму. Од задната страна, Плутон е комплетно темен, така што речиси не се разликува од црнилото на Вселената. Сепак, Сонцето импресивно осветлува прекрасна магла околу планетата.

Научниците може да забележат два одделни слоеви од гас околу Плутон: еден на околу 50 километри, а другиот на околу 80 километри. Всушност, растојанието до кое се протега атмосферата изненади одредени научници. Маглата содржи јаглеводороди, поради кои џуџестата планета има црвеникава боја.

Призрачна замагленост околу Плутон. Заслуга: НАСА

Познато е дека во атмосферата на Плутон има честички на метан. Се претпоставува дека Сончевите УВ зраци удираат во овие честички од метан и ги разделуваат. Ова им овозможува да се реформираат во посложени јаглеводородни молекули. Потешките молекули пропаѓаат кон површината на Плутон, каде што е поладно, и кондензираат во ледени честички.

Ова набљудување значи дека научниците ќе мора да се вратат на таблата за цртање за да дознаат што се случува во атмосферата. Тие првично претпоставија дека температурата на повеќе од 30 километри над површината на Плутон ќе биде премногу топла за да се формира магла.

„Ми падна вилицата кога ја видов првата слика од туѓа атмосфера во Кајперовиот појас,“ изјави Алан Стерн, главен истражувач за Нови Хоризонти од SwRI. „Нè потсети дека истражувањето ни носи повеќе од само неверојатни откритија – ни носи неверојатна убавина.“

Превод: Биљана Велинова

Извор: IFL Science

Сподели.