Верувате ли во слободна волја? Дали луѓето се способни за градење на сопствената судбина, или сите сме само марионети на некој виш космички механизам, кој ни ги одбројува миговите и сите нè води кон неизбежната, одамна одредена судбина?
На страна од филозофските дебати, истражувачите се обидуваат да ја разрешат прастарата расправија еднаш засекогаш, употребувајќи неколку од најдалечните и најсветли објекти во Универзумот. Наместо да се навраќаат на античките размислувања на Платон и Аристотел, научниците се обидуваат да најдат начин да премостат една понова загатка во физиката: теоремата на Бел (John Bell, 1964), чиј принцип тврди дека однесувањето на „преплетените“ квантни честички раздвоени од големи растојанија, истовремено реагираат на мерењето на едната од нив – ефект кој Ајнштајн го нарекол „морничаво дејство на растојание“. Проблемот со ваквата морничавост во квантниот универзум е тоа што се чини дека истиот ги нарушува главните поставки на макроскопскиот универзум, во кој информациите не можат да патуваат со брзина поголема од онаа на светлината. Во овој случај не се пренесува вистинска информација, туку состојбата меѓу честичките.
Повторно, тестирањето против теоремата на Бел самото по себе се покажало како чудно. Додека некои од внатрешните недостатоци се разрешени, останува едно прашање: што доколку квантно предизвиканото отсуство на слободна волја влијае врз заклучоците на истражувачите, водејќи ги кон одговор кој е наклонет против класичната физика? Ова звучи морничаво, но ваква можност не е исклучена, велат научниците, дури и ако објаснувањето не важи за светот каков што го познаваме денес.
За да се расчисти со сите можни двоумења, предложениот експеримент е следниот: во лабораториски услови поставен е генератор на честички, како што е радиоактивен атом кој исфрла парови преплетени честички. Еден детектор ги мери својствата на честичката А, додека друг го прави истото со честичката Б. Во дел од секундата по генерирањето на честичките, но пред да се постават детекторите, научниците би искористиле телескопски набљудувања на далечни квазари за да утврдат кои својства ќе ги измери секој од детекторите за соодветната честичка. Со други зборови, квазарот А ги дава поставките за честичката А, а квазарот Б го прави тоа за честичката Б.
Со употреба на светлината од објекти кои настанале многу кратко време по Големата Експлозија за да ги калибрираат детекторите, тимот се надева на расчистување со секоја можност за преплетување, како и да утврдат што навистина раководи со Универзумот. Научниците сметаат дека ова е последното нешто останато за веќе да не се доведуваат до прашање принципите на квантната механика кои го движат светот, поткрепени со до денес импресивно акумулираните експериментални докази. Од друга страна, можеби така требало да мислат…
Извор: Universe Today
Превод: Марина Димовска