Комета ќе му се доближи на Марс

0
Комета ќе му се доближи на Марс

Уметнички приказ на кометата Сајдинг спринг (Siding spring) C/2013 A1 која му се приближува Марс. Заслуги: НАСА

Вселенските летала од многу земји ќе добијат ретка можност да ја проучат кометата која со голема брзина ќе помине покрај Марс во недела, 19 октомври. Невообичаено е некоја комета да помине толку близу до планета, но самата историја на оваа комета ја прави оваа блиска средба уште поинтересна. Астрономите-аматери, исто така, ќе бидат во можност да се приклучат во набљудувањата со оглед на тоа што кометата ќе биде видлива и со телескопи со просечна големина.

Комета Сајдинг спринг (Siding spring) беше откриена минатата година од страна на Роб Мекнаут. Со откриени 82 комети, повеќе од било кој друг човек во историјата, исто така имајќи ја честа најсветлата комета во последниве неколку години да го носи неговото име, Мекнаут го посвети ова откритие на опсерваторијата од која беа правени набљудувањата.

Кога Мекнаут ја откри Сајдинг спринг, или C/2013 А1, како што беше првично позната, нејзината орбита беше пресметано дека ќе ја донесе толку блиску до Марс, што се сметаше дека е можно дури да дојде и до судир. Требаше да помине повеќе од една година пред да се отфрли оваа теза, со проценето растојание на разминување од 139.500 километри (87.000 милји) – помалку од половина од растојанието помеѓу Земјата и нашата Месечина.

Патеките на мисиите кои орбитираат околу Марс се прилагодени, по потреба, за да обезбедат сигурни растојанија, не само од кометата, туку и од остатоците кои таа ќе ги остави зад себе. Во меѓувреме, сателитите на НАСА ќе ја задржат кометата во фокусот на вниманието и влијанието кое нејзината опашка ќе го има на атмосферата на Марс.

Кометите се поделени во две категории: кратко и долгопериодични комети. Долгопериодичните комети го имаат поминато поголемиот дел од своето постоење во Ортовиот облак, на оддалеченост на која Сонцето се појавува како нешто повеќе од една светла ѕвезда. Како резултат на тоа тие се временски капсули кои датираат од почетокот на Сончевиот систем. Краткопериодичните комети, од друга страна, се заробени во внатрешноста или средината на Сончевиот систем и поминуваат доволно блиску до Сонцето за редовно да ги губат своите надворешните слоеви, постепено намалувајќи се до големина на зрнца прав.

Кометата Сајдинг спринг се покажа дека не е особено голема комета, но како натрапник од Ортовиот облак на својата прва обиколка блиску до Сонцето, прави разлика од краткопериодичните комети на кои имаме испратено вселенски летала.

„Ова е подарок за вселенските науки кој потенцијално би можел да продолжи со изнанадувањата и различни научни мисии на Агенцијата во потполност ќе ги следат сите случувања“ изјави Џон Грунсфелд од НАСА. „Оваа карактеристична комета никогаш порано нема влезено во внатрешниот Сончев систем, така што ќе обезбеди свеж извор на информации за неговите најрани денови.“

Ова ќе биде вторпат како имаме добар поглед на интеракцијата на комета и планета по деветте спектакуларни судири на кометата Шумејкер Леви со Јупитер во 1994 година.

Превод: Боро Костевски

Извор: IFLS

Сподели.