Колку се реалистични роботите од „Војна на ѕвездите“?

0

Професорката по информатика и инженерство Робин Марфи од Тексас решила сериозно да ги проучи роботите од „Војна на ѕвездите“ и да процени колку се реалистични. Трудот го објавила во научниот магазин Science Robotics, и во него тврди дека некои аспекти на роботите се пореалистични од другите.

Марфи се фокусира на C3PO, златниот хуманоиден робот со британски акцент, неговиот партнер R2D2 и слаткиот BB-8. Само еден од трите роботи има способност да зборува и има додатоци кои наликуваат на човечки раце и нозе, а Марфи ја разгледала можноста за развивање на такви роботи и колку добро би функционирале.

Колку се реалистични роботите од „Војна на ѕвездите“?

BB-8™. Заслуги: Sphero

Исто така, ги споредува со вселенски робот што веќе постои – Робонаут на НАСА, хуманоидниот робот со раце и прикачени ефектори, но без нозе.

За да измери колку се реалистични роботите, Марфи ја разгледувала сличноста на роботите од филмовите со оние што постојат во нашиот (вистински) свет. На пример, разгледува дали можат да се движат во вистинскиот свет толку лесно колку што се движат во филмовите? Веројатно не. Професорката дополнително се повикала на претходно истражување во кое се наведува дека BB-8 не би можел да се тркала низ дините на Џаку, или на која било друга површина што не е цврста и рамна, освен ако роботот нема антигравитациска единица во него. Слично на тоа, и R2D2 не би бил многу корисен освен ако не е прикачен на вселенски брод без многу пречки кои би го „сопнале“.

Од друга страна, звуците што ги испуштаат R2D2 и BB-8 се делумно реалистични бидејќи им овозможуваат на роботите да пренесуваат емоции без употреба на фацијални или друг вид на телесни движења. Луѓето генерално можат да сфатат кога некој од роботите е под стрес, размислува или е среќен – сè е пренесено преку бинарните јазици кои наводно ги зборуваат.

И покрај недостатоците што би ги имале во реалноста, Марфи вели дека филмските роботи биле и ќе продолжат да бидат водичи за инженерите кои дизајнираат роботи кои ќе се користат во иднината. Филмовите ги пренесуваат квалитетите на роботите што би се ценеле во реалноста, и начините на кои тие би можеле да се користат. Исто така, прават разлика меѓу астромеханичките роботи и оние што се наменети за да ни бидат пријатели или придружници.

Превод: Александра Младеновска (Бабамова)

Извор: TechXplore

Сподели.