НАСА објави дека се откриени 1284 нови планети. Ова е најмногубројното откритие на егзопланети досега и истото двојно го надминува бројот на веќе утврдени вонземски светови од страна на телескопот Кеплер.
Напредокот е навистина исклучителен ако се земе во предвид дека пред само неколку декади немавме ниту една позната планета надвор од границите на нашиот систем. Откритието се смета за 99% точно и уште поинтересно е тоа што во овој примерок има стотина кандидати кои наликуваат на Земјата, односно нивниот состав и големина се слични со нашата планета.
Откако Кеплер беше лансиран во 2009-та година научниците почнаа да дознаваат колку е честа појавата на егзопланети низ галаксијата. Кратко потоа, можевме да потврдиме и дека скоро секоја од ѕвездите има свој планетарен систем околу себе. Подоцна, поради сериозни дефекти кои ја загрозуваа мисијата на Кеплер, во 2014 година леталото ја започна својата новомодификувана, продолжена мисија наречена К2. За време на првичната мисија Кеплер успеа да откие над 4000 кандидати за егзопланети, над 1000 потврдени планети од кои 12 се како Земјата и нивните орбити се во зоната поволна за живот.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: futurism.com