Касини се збогува со Хиперион. Ние му благодариме за сите необичности!

0

Месечината на Сатурн, Хиперион, повеќе излгеда како замрзнато саќе, или космички кујнски сунѓер, отколку на уште една сферична месечина издупчена со кратери. Всушност, оваа месечина долга 360 километри е една од побизарните објекти во Сончевиот систем. На 31-ви мај, вселенското летало на НАСА – Касини, за последен пат имаше шанса да направи добра снимка од овој чуден малечок свет.

Од 34.000 километри далечина, Касини од близу ги направи последните слики од овалниот Хиперион. Во текот на неговото патување низ системот на Сатурн, ова летало и предходно ни ја откри необичноста на Хиперион во вистинско светло, необичност која само се најавуваше со сликите на Војаџер 2. Сликите што ги направи Касини во 2005 станаа предпознатлив репер за изгледот на оваа месечина која што не наликува на ништо друго во нашиот Сончев Систем.

Касини се збогува со Хиперион. Ние му благодариме за сите необичности!

Впечатлива слика од Хиперион направена во 2005, обоена компјутерски. Заслуги: NASA/JPL/SSI

Oвојпат, постоеше шанса научниците да ја погледнат одблиску и другата страна на Хиперион. Но, тоа не се случи. За разлика од повеќето останати месечини во Сончевиот Систем кои ротираат околу една статична оска, Хиперион се однесува повеќе како да се тркала. Бидејки ротира хаотично, неговите горе, долу, лево и десно се во голема мера случајни. Овој неред е создаден делумно од гравитациските интеракции со огромната месечина на Сатурн, Титан. При приближувањето на Касини кон Хиперион не постоеше начин да се предвиди која страна од месечината ќе биде видлива.

Се случи таа страна да биде онаа истата, фотографирана пред една декада.

Касини се збогува со Хиперион. Ние му благодариме за сите необичности!

Хиперион во 2015 фотографиран од Касини. Заслуги: NASA/JPL/Caltech

Во текот на изминатата декада, дознавме дека необичниот изглед на Хиперион се должи на неговата многу ниска густина. Тој е составен од приближно иста количина на материја и празен простор, со густина скоро половина од онаа на водата. Поради тоа, наместо да се ископува материјал од површината на месечината, телата што удираат на неговата површина само се вкопуваат и компресираат во површината на месечината, создавајќи ги карактеристичните јами. Поради тоа што гравитацијата на Хиперион е многу слаба, било кој матерјал што се одронил во тек на судирите едноставно продожува да лета во Вселената, наместо да падне назад на неговата површина со што би го пополнил кратерот создаден од ударот.

И тоа не е сè. Навлезени во дното на јамите на Хиперион се темни состојки, кои се најверојатно замрзнати јаглеводородни смеси (frigid hydrocarbon slurry). Овие состојки се всушност црвеникави – поради што и Хиперион ни изгледа заруменет во сликите со природни бои.

Kaсини нема да има подобра шанса за фотографирање на Хиперион одблиску. Неговото патување низ системот на Сатурн е предвидено да заврши во 2017-та година и далечниот Хиперион не е доволно блиску за уште едно прелетување. Но, се додека вселенското летало не се сруши во Сатурн, ќе продолжи да собира информации за неговите прекрасно разновидни и мистериозни месечини, за потоа да нурне во длабочините на просторот меѓу планетата и нејзините прстени.

Касини се збогува со Хиперион. Ние му благодариме за сите необичности!

Површината на Хиперион во 2015. Заслуги: NASA/JPL/Caltech

Превод: Марија Стојановска

Извор: National Geographic

Сподели.